Целата структура на НАТО се темели на американско водство на речиси сите нивоа, а Европејците сега се обидуваат да преземат поголем дел од тие одговорности.
Плановите ја покажуваат длабочината на европската загриженост за доверливоста на Америка.
„Резервниот план“, кој треба да обезбеди Европа да може да се брани користејќи ги постојните воени структури на НАТО – доколку Соединетите Американски Држави го напуштат сојузот – добива на интензитет откако пристигна поддршка од Германија, која долго време се противеше на пристапот на „самостојно европско дејствување“.
Официјалните лица кои работат на плановите – кои некои ги нарекуваат „европски НАТО“ – се обидуваат да вклучат повеќе Европејци во командни и контролни улоги во рамки на Алијансата и да ги надополнат американските воени капацитети со сопствени, пишува „Волстрит џурнал“ (WSJ).
Плановите – кои неформално напредуваат преку разговори и состаноци во и околу седиштето на НАТО – не се замислени како конкуренција на постојниот сојуз. Европските претставници сакаат да го зачуваат одвраќањето на Русија, оперативниот континуитет и нуклеарната кредибилност, дури и ако Вашингтон ги повлече силите од Европа или одбие да ја брани, како што се закани американскиот претседател Доналд Трамп.
Според WSJ, плановите, кои првпат биле осмислени минатата година, ја покажуваат сериозната загриженост на Европа за сигурноста на Америка. Тие се забрзани откако Трамп се закани дека ќе го преземе Гренланд од Данска, членка на НАТО, а дополнително се интензивираа поради застојот околу одбивањето на Европа да го поддржи американскиот воен ангажман во Иран.
Клучен пресврт во Берлин
Политичкиот пресврт во Берлин им даде дополнителен поттик. Германија со децении ги одбиваше француските повици за поголема европска автономија во одбраната, преферирајќи САД да останат главен гарант на безбедноста. Тоа сега се менува под канцеларот Фридрих Мерц, поради загриженоста за доверливоста на САД како сојузник за време и по мандатот на Трамп.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека актуелните дискусии во НАТО не се лесни, но доколку доведат до одлуки, тоа ќе отвори можност за Европа.
– Но, исто така е јасно дека ние Европејците мора да преземеме поголема одговорност за нашата одбрана – и тоа веќе го правиме. НАТО мора да стане повеќе европски за да остане трансатлантски – рече тој.
„Алијансата ќе биде повеќе водена од Европа“
Предизвикот за европските планови е огромен. Целата структура на НАТО се потпира на американско лидерство – од логистика и разузнавање до највисоките воени команди.
Европјаните сега се обидуваат да преземат поголем дел од тие задачи, што Трамп одамна го бара. Алијансата ќе биде „повеќе водена од Европа“, како што неодамна изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Разликата е што Европа сега делува по сопствена иницијатива, поради растечката недоверба кон Трамп, а не поради американски притисок.
„Коалиција на подготвените“
Германскиот пресврт отвори поширок консензус и кај други земји – Велика Британија, Франција, Полска, нордиските земји и Канада – кои планот го претставуваат како „коалиција на подготвените“ во рамки на НАТО.
– Преземаме мерки на претпазливост и водиме неформални разговори со група истомисленици. Ќе придонесеме за пополнување на празнините во НАТО кога тоа ќе биде потребно – изјави шведската амбасадорка во Германија, Вероника Ванд-Даниелсон.
Планирањето по пресвртот во Берлин премина на практични воени прашања, како што се: кој ќе ги води системите за противвоздушна и противракетна одбрана, логистичките коридори кон Полска и балтичките држави, снабдувачките мрежи и големите регионални воени вежби доколку американските офицери се повлечат.
Воена обврска и производство
Повторното воведување на воената обврска е уште еден клучен дел од планот, бидејќи многу земји ја укинаа по Студената војна.
Учесниците сакаат и да ја забрзаат европската продукција на клучна воена опрема, особено во области каде Европа заостанува зад САД – како противподморничко војување, вселенски и извидувачки капацитети, дополнување гориво во воздух и воздушна мобилност.
Иако овие напори претставуваат голем пресврт, нивната реализација ќе биде тешка. Врховниот сојузнички командант во Европа традиционално е Американец, а САД немаат намера да се откажат од таа улога. Ниту една европска земја нема доволна тежина да ја замени Америка како воен лидер, делумно затоа што само САД можат да обезбедат „нуклеарен чадор“.
По заканите од Трамп, германскиот канцелар Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон започнале разговори за проширување на француското нуклеарно одвраќање на други европски земји.
Европјаните преземаат сè повеќе улоги, но сè уште им недостигаат клучни капацитети поради години недоволни инвестиции и зависност од САД. Според WSJ, транзицијата веќе е во тек – сè повеќе клучни команди на НАТО ги водат Европејци, а многу од претстојните воени вежби ќе бидат предводени од европски сили, особено во нордискиот регион, каде Алијансата граничи со Русија.