Талибански политичар го повикува лидерот да ја укине забраната за образование на жените и девојките во Авганистан

Висок претставник на Талибанците јавно го повика лидерот на групата да ја укине забраната за образование на жените и девојките во Авганистан, нагласувајќи дека нема оправдување за таквата политика, објави АП.

Шер Абас Станикзаи, политички заменик во Министерството за надворешни работи, ова го изјави во саботата на церемонија во верско училиште во југоисточната провинција Хост.

– Нема причина да се ускратува образованието на жените и девојките, исто како што немаше оправдување за тоа во минатото, а не треба да има ни сега – рече Станикзаи.

Авганистанските власти забранија образование за девојките по шесто одделение, а минатиот септември се појавија извештаи дека е прекината и медицинската обука за жените. Сепак, властите досега не ја потврдија оваа забрана.

– Повторно ги повикуваме лидерите да ги отворат вратите на образованието – изјави Станикзаи во видео објавено на неговиот официјален профил на социјалната платформа Х. – Ние правиме неправда кон 20 милиони луѓе од вкупното население од 40 милиони, ускратувајќи им ги сите права. Ова не е според исламскиот закон, туку е наш личен избор или природа.

Станикзаи претходно беше на чело на тимот на Талибанците за преговори кои доведоа до целосното повлекување на странските војници од Авганистан.

Ова не е првпат тој да се изјасни дека жените и девојките треба да имаат пристап до образование. Слични изјави даде и во септември 2022 година, една година по затворањето на училиштата за девојките и неколку месеци пред воведувањето на забраната за универзитетско образование.

Најновите изјави на Станикзаи се значајни бидејќи првпат директно бара промена на политиката и упатува апел до талибанскиот лидер Хибатулах Ахундзада.

Ибраим Бахис, аналитичар во програмата за Јужна Азија на Crisis Group, истакна дека Станикзаи повремено давал изјави во кои го нарекувал образованието право на сите жени во Авганистан.

– Сепак, оваа најнова изјава оди чекор понатаму, бидејќи јавно бара промена на политиката и ја доведува во прашање легитимноста на сегашниот пристап – рече Бахис.

Во главниот град на Пакистан, Исламабад, овој месец добитничката на Нобеловата награда за мир, Малала Јусафзаи, ги повика муслиманските лидери да ги предизвикаат Талибанците за образованието на жените и девојките.

Обединетите нации предупредуваат дека меѓународното признавање на Талибанците е речиси невозможно додека траат забраните за образование и вработување на жените, а тие не можат да се појавуваат во јавност без машки придружник.

Ниту една земја не ги признава Талибанците како легитимни владетели на Авганистан, но земји како Русија и Индија градат односи со нив.

Овој месец, во Дубаи се одржа средба меѓу индискиот дипломат Викрам Мистри и министерот за надворешни работи на Талибанците, Амир Кан Мутаки, што ја потврди нивната сè подлабока соработка.

Зачлени се на нашиот е-билтен