360 степени: Како граѓанско-религиозни здруженија се покажаа посилни од некои локални власти

„Коалиција за заштита на децата“ заедно со уште неколку новоформирани здруженија и со поддршка на религиозни претставници, кренаа бунт против општините од источниот регион барајќи да се променат сите документи и стратегии што го содржат поимот „род“. Притисокот им успеа.

Во истражувањето што го спроведе 360 степени, дел од граѓанскиот сектор обвинува дека намерно се креира „морална паника“ меѓу ѓраѓаните и се активираат цели заедници. А, во суштина, целата борба е „за спас“ од 3-4 трансродови луѓе.

Членот 19 од Уставот дополнет со амандманот 7 пропишува дека Северна Македонија е секуларна држава. Во политичка смисла, тоа подразбира дека верските авторитети не смеат да ги контролираат политичките, и обратно.

Но, неколку општини од истокот на земјата од неодамна се соочуваат со политички барања од сè поголем број новоформирани граѓанско-религиозни здруженија. Иако не е единствено, клучното барање на овие групи е локалните власти да ги заменат општинските акти што го содржат поимот „род“. Според овие организации, така се подметнува „родова идеологија“, односно правење разлика меѓу пол и род, која, сметаат тие, наметнува вредности спротивни на нивните убедувања.

„’Родителскиот фронт’ ќе преземе низа активности со кои нема да дозволиме да имаме доживотно осакатени деца и ќе покажеме дека сите сме за зачувување на традиционалните семејни вредности“,изјави активистот од „Родителски фронт“, Ненад Стојанов пред неколку месеци при собирањето потписи за петиција во О. Кочани наречена „Не за родова идеологија во училиштата, актите и документациите“.

Некои општини не издржаа. Како се случи – локалните власти сè почесто да попуштаат под притисокот на граѓанско-верските групации?

Ако се суди по фејсбук-страницата, граѓанското здружение „Коалиција за заштита на децата“ е формирано во август 2022 година. Случајно или не, тоа е само еден месец откако Владата ја донесе Стратегијата за родова еднаквост.

На Фејсбук е оставена и врска до интернет-страница zadecata.org. Таму може да се прочита повеќе за активностите на организацијата која се декларира како граѓанска. Но наведени се и партнери како крајно десно ориентираните политички партии Родина, Интегра и МААК.

Главен партнер, пишува на веб-страницата, е Фемили воч интернешнл (Family Watch International). Станува збор за американска христијанска организација, која, според извештаите на повеќе светски медиуми, иако јавно се залага за „семејни вредности“, активно лобира и врши притисок, пред сè во земјите во Африка, во насока на забрана на абортусот, против ЛГБТИ-заедницата, за прекин на сеопфатното сексуално образование. Главни регионални партнери, пак, им се бугарската „Асоцијација за општество и вредности“ и хрватската „Во име на семејството“, според нивните веб-страници и извештаите на медиумите, исто така, крајно конзервативно-верски организации.

Иако „Коалицијата за заштита на децата“ се декларира како невладина организација, не успеавме да ја најдеме нејзината регистрација во Централниот регистар. Барем не под тоа име. Не помогна многу ниту веб-сајтот бидејќи тој нема домеин „.мк“, што значи и дека не може да се провери неговиот сопственик. Може само да се види дека регистрантот е од Флорида, САД.

Стратегијата за родова еднаквост која Владата ја донесе во јули 2022 година е обврска предвидена во Законот за еднакви можности меѓу жените и мажите. Според Коалицијата за заштита на децата, клучен проблем е терминот „род“.

И не само за нив. Во 2023 година, како дел од мрежата со исти или слични ставови, се формираа и организациите како „Родителски фронт“ од Струмица, „За наше Кочани“, а од неодамна и организацијата „Будност“ од Кочани. Според нивните фејсбук-профили се работи за граѓански организации кои често, со поддршка на верски здруженија или свештени лица, се спротивставуваат на сè што мислат дека има врска со родови прашања. Ставовите ги комуницираат најчесто преку социјалните мрежи, а со ист интензитет работат и на отворени граѓански трибини.

„Родовата идеологија, чиишто жртви особено меѓу децата ги гледаме ширум светот, сега веќе со новите концепции под називот „инклузивно, сеопфатно родово сензитивно образование ќе им се сервира и на нашите деца во училиштата… Тотално одземање на родителските права е иднината којашто ни ја ветува родовата идеологија, промовирана и афирмирана со фразата ‘родова еднаквост’“,рече Мариета Дукиќ, активистка од „Родителски фронт“ за време на јавна трибина против родот.

Борбата за права на децата звучи исправно. Меѓутоа, факт е дека тие не се загрозени во образовниот систем, дури и ако под загрозување се смета учење за концептот „род“. Не постои посебен предмет за родовите.

Тогаш, во што е проблемот? Според Аргирета Атева од „Коалицијата за заштита на децата“, наидува либерален бран кој ќе ги учи децата на погрешни дефиниции за мажите и жените, вклучително и за нивната сексуалност.

Аргирета Атева, „Коалиција за заштита на децата“

„Се наметнува еден нов светоглед, дека освен женски и машки пол има милион или милијарда полови. Тие го изедначуваат родот со полот. Токму затоа во предлог измените во Законот за матична евиденција тие сакаат да сменат ознака за пол во документите. Иако теоретски по дефиниција има разлика меѓу родот и полот“,изјави Атева во разговор со „360 степени“.

Дел од наметнувањето на таквиот светоглед, вели Атева, е воведувањето сеопфатно сексуално образование од најрана школска возраст, па затоа започнале да дејствуваат на локално ниво.

Наспроти стравовите, фактите се дека Сеопфатно сексуално образование од 2021 година веќе се изучува како изборен пилот-предмет во неколку училишта. Го учат деветтоодделенци и досега, барем јавно, немало поплака од нивните родители.

Без разлика на тоа, во октомври 2022 година, општините Берово, Пехчево и Делчево, почнуваат со изработка на регионална стратегија за родова еднаквост. Два месеци претходно, таква стратегија се подготвува и во општина Струмица. И Општина Кочани работи на сличен документ, но нивните стратегии уште од старт го избегнуваат терминот „род“ и ги потпишуваат како за „еднакви можности на мажите и жените“.

Коалицијата и останатите организации започнуваат серија акции вршејќи притисок овие документи да се сменат. Неколку советници од различни општини се жалат дека биле предмет и на агресивни коментари и дискриминација.

„360 степени“ стапи во контакт со дел од нападнатите советници, но тие не сакаа да зборуваат за она низ што поминале. Атева не се согласува дека тие дискриминирале некого.

„Не може да предизвика некој дискриминација кога е во позиција на одбрана. Нашите организации се појавија во моментот кога сакаше да се наметне во општеството во Македонија, промена на објективната реалност и да се наметне нешто врз децата. Тоа станува збор за туѓи деца. Не станува збор за нивни деца. Секој има право своите деца да ги одгледува и да ги воспитува како сака според своите светогледи, меѓутоа не можете да наметнувате на туѓи деца нешто спротивно од светогледот на родителите“,потенцира Атева, меѓу другото.

Можеби највлијателен партнер на „Коалицијата за заштита на децата“ во анти-родовите наративи е Фондацијата „Елеуса“. Формирана е на 10 јануари 2022 година под називот Фондација „Пресвета Богородица Елеуса“, за во февруари истата година да го смени називот во Фондација „Елеуса“.

Во Централниот регистар, како сопственици се запишани имиња на три жени. Маж со име Љупчо Митев е наведен како овластено лице. Случајно или не, Љупчо Митев е световното име на отецот Константин Митев од струмичката епархија. Адресата и на Фондацијата и на лицата кои се нејзини сопственици и управител, е улицата „Кирил и Методиј“ бр. 24 во Струмица. А на таа адреса се наоѓа црква – храмот „Св. Кирил и Методиј“.

Фондацијата, според статутот, е регистрирана пред сè за помош на социјално загрозените лица. Но, во јавноста најчесто е присутна со антиродовите ставови и тоа искажани од отецот Јаков Стобиски.

„Во оваа идеологија, во овие закони го гледам лицето на ѓаволот. Заради тоа што тој не само што не сака да ги остави децата да одат кај оној којшто рекол ‘Оставете ги децата да доаѓаат при мене, зашто на такви е Царството небесно’. Не само што не сака да ги остави да одат и да чекорат кај Бог, во прегратките Божји, туку сака да им ги одземе и на родителите. Видовме примери, нека не ве лаже никој, тоа се случува во западните општества“рече епископот на една од трибините организирани од Фондацијата „Елеуса“ минатата година, насловена „Вистинското лице на родот“.

Па, иако државава е секуларна, коалицијата и други граѓанско-верско-партиски организации делумно успеаја во својата мисија. Денес, ако се погледнат документите на официјалните веб-страници на општините, називите се променети, родот го нема во насловите. Прва на барањата на овие организации потклекна Струмица.

Градоначалникот Костадин Костадинов, дел од левичарската СДСМ, вели дека тоа е така не поради притисокот, туку затоа што не бил донесен закон на државно ниво.

Костадин Костадинов, градоначалник на О. Струмица

„Во моментов изработуваме една посебна Одлука, општински акт којшто ќе се повика на Законот за заштита од дискриминација, а кога станува збор за родовата еднаквост овде се поставува прашањето зошто немаме Закон за родова еднаквост? Имаме Закон за еднакви можности. Така да, сметам дека законот е над општинските акти и во април 2023 Советот на О. Струмица донесе одлука согласно важечката законска регулатива во РМ“.

360: Но тој закон се дискутира, беше и кај вас во општината на дискусија!

„Ние не можеме да носиме одлуки согласно закон којшто не е донесен и тоа треба да го имаме предвид. Кога ќе се донесе законот, кога ќе се објави во ‘Службен весник’, тогаш може да дискутирам на други теми во О. Струмица“.

360: Кој е проблемот со терминот „родова еднаквост“?

„Како што гледате, нема проблем во однос на родовата еднаквост, во однос на еднаквите можности, во однос на човековите права. Веројатно би имале проблем ако човековите права ги поистоветиме со идеологија каде што може да настане колизија помеѓу овие две нешта“.

Но, фактите говорат дека родот е присутен како категорија во Законот за кој Костадинов говори. И не само во Законот за еднакви можности, терминот род која им пречи на здруженијата е во уште неколку законски решенија.

Дека е така, потврдува примерот со Општина Кочани. Оваа локална власт, освен барање од здружението „Родителски фронт“, добила и петиција на која се потпишале над 3 000 граѓани. Но, тие првично возвратиле токму со постоечкиот Закон за еднакви можности на жените и на мажите.

Љубинка Ајтовска, портпаролка на О. Кочани

„Од општината се бараше од својата програмска документација и од актите ‘да ги исфрли сите родови терминолошки изрази’. На седница на Комисијата за еднакви можности на жените и на мажите и на Советот на општината беше донесен Заклучок со кој му се препорача на здружението предлогот да го достави до надлежните државни инстанци за да се изменат прво законите и потоа општината ќе може да ги усогласи своите документи“,изјави во разговор со „360 степени“, Љубинка Ајтовска, портпарол во О. Кочани.

По ваквиот чекор, општината се нашла под напад на социјалните мрежи.

„Секако тоа го разгоре говорот на омраза по социјалните мрежи во јавниот простор. Општината беше изложена на напади, како и службеници и членови на Советот. Меѓутоа сакам да заклучам, општината и во овој случај ја задржа правната рамка на дејствување бидејќи постапува согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите од 2012 година, од кога е донесен. Секаде каде што е употребен терминот ‘род’, тој е согласно дефинициите од актуелниот закон“,потенцира таа.

Сите новоформирани формални или неформални граѓанско-верски здруженија во земјава, не се ништо ниво во регионот, па и пошироко. Станаа актуелни последниве години. Една од заедничките работи им е противењето на Истанбулската конвенција.

Тоа е документ кој, клучно, треба да ја унапреди и унифицира заштитата на жените од насилство. Документот го потпишаа 45 земји членки на Советот на Европа, а 38, меѓу кои и Македонија, го имаат и ратификувано.

А што вели европското законодавство? Професорот по социологија од Универзитетот во Љубљана, Роман Кухар, појаснува што всушност значи родовата еднаквост. Според него, општествените и културолошките норми се главните причинители за дилемата што всушност значи терминологијата „родова еднаквост“.

„Родовата еднаквост значи дека разликите меѓу половите не треба да се проблематизираат кога зборуваме само за мажите и жените кои биолошки се разликуваат. Но, социолошки, како политички чинители, како граѓани во политичка заедница сите треба да имаме еднакви права. Значи, проблемот не е помеѓу половите, туку како нормите во општеството и нашата култура ги третираат телото и личноста споредено со друга личност само поради биолошките разлики. Секој треба да има еднакви права и можности без разлика дали станува збор за маж, за жена или како било поинаку да се идентификува“,вели професорот Кухар од Универзитетот во Љубљана.

Проблемот на антиродовите активисти е во тоа што ги поларизираат чувствата на луѓето кои не се пронаоѓаат во светот кој брзо се менува, порача евроамбасадорот Дејвид Гир на неодамнешната трибина насловена „Не мешај се во туѓи штипки“.

Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во С. Македонија

„Таканаречените ‘антиродови’ или ‘антивоук’ движења, што сега е еден глобален феномен, сигурно вклучува луѓе кои искрено се чувствуваат збунети и отуѓени од светот кој брзо се менува. Многумина од нив се мотивирани од искрени верувања. Но, пречесто има други луѓе во движењето кои сакаат да ги искористат стравот и несигурноста да ги поларизираат работите и да ги зголемат тензиите кога ги напаѓаат луѓето од ЛГБТИ-заедницата. Не ги споменуваат тинејџерите кои размислуваат за самоубиство или депресијата поради тоа кои се. Тие не ги споменуваат оние кои трпат врсничко насилство во училиште или на работа, само поради тоа кои се. Тие само сакаат еднакви права како сите други“,рече евроамбасадарот.

На истата трибина, извршната директорка на „Коалиција Маргини“, Ирена Цветковиќ, говореше за заедничкиот настап на различните религиски заедници во Македонија, на сметка на, како што вели, неколку трансородови лица, а потоа ја посочи Струмица како пример.

Ирена Цветковиќ, извршна директорка на „Коалиција Маргини“

„Струмица се појави како некаков бастион на отпорот против моќните трансродови луѓе. Во Струмица се активира целата локална заедница заедно со локалната власт за да се спасат од 3-4 трансродови луѓе. Како се стигна до ова? Преку употреба на одредени веќе испитани стратегии. Во нашето истражување успеавме да детектираме дека антиродовите наративи се во својата суштина популистички наративи и дека ползуваат многу од концептот на морална паника. Ќе искреирате морална паника и луѓето лесно ќе се залепат за тоа, особено луѓе кои доаѓаат вредносно од таму, ние сме конзервативна земја, и коишто немаат доволно информации и знаења“,изјави Цветковиќ која веќе над 10 години работи во полето на родовите прашања.

Иако ЕУ не е држава, Европскиот парламент во 2023 година ја ратификуваше Истанбулската конвенција, а со тоа ги прифати и родовите политики. Па и државите членки на ЕУ кои не ја прифаќаа, сакале или нејќеле, мора и да ја применуваат.

Земјите како Македонија, имаат избор по кој пат ќе продолжат. Дали ќе го следат примерот на мнозинството членки на ЕУ и Брисел или примерот на Турција, Азербејџан и дел од африканските земји.

Преземено од 360 степени

Треба да знаете
Moже да ве интересира