Иако насловот звучи како шега, но тестирањето на ајкулите во близина на брегот на Бразил открило дека тие се позитивни на кокаин. Научниците стравуваат дека тоа може да доведе до промена во нивното однесување.
Биолозите тестирале 13 ајкули од крајбрежните води во близина на Рио де Жанеиро и откриле дека сите единки имаат високо ниво на кокаин во мускулите и црниот дроб, пишува британски „Телеграф“.
Откриените концентрации на кокаин се до 100 пати повисоки од оние претходно откриени кај други морски животни.
Според БиБиСи, истражувањето, спроведено од фондацијата Освалдо Круз, е првото кое откри присуство на кокаин кај ајкулите.
Експертите веруваат дека кокаинот се пробива во водите преку илегални лаборатории каде што се произведува дрогата или пакети кокаин изгубени или фрлени од шверцерите на море, иако тоа е помалку веројатно, велат истражувачите.
Сара Новаис, морски еко-токсиколог во Центарот за морски и еколошки науки на Политехничкиот универзитет во Леирија, изјави за списанието Science дека наодите се „многу важни и потенцијално загрижувачки“ и дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали кокаинот го менува однесувањето на ајкулите.
Некои претходни истражувања покажале дека психотропните супстанци веројатно ќе имаат слични ефекти врз животните како и врз луѓето.