Апелацискиот суд во Скопје ја отвори втората фаза од еден од најтешките судски случаи во поновата македонска историја – грабнувањата и убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. На јавната седница се разгледуваат жалбите на одбраната на четворицата осудени на доживотен затвор, но и жалбата на Обвинителството против ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев во прв степен беа осудени на доживотен затвор за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче. Одбраната бара укинување на пресудите и враќање на судењето од почеток, додека Обвинителството смета дека првостепениот суд погрешно го ослободил Ѓорчевски од обвинението дека помогнал во планирањето на грабнувањето на неговата ќерка.
Најчувствителниот дел од жалбената постапка е токму улогата на таткото. Вишиот обвинител Дарко Јакимовски во Апелација тврдеше дека во пресудата нема доволна анализа на доказите и дека судот не утврдил дали Александар Ѓорчевски бил поврзан со кривичните дела. Во жалбата, Обвинителството се повикува на хронологијата на настаните, комуникацијата и однесувањето на Ѓорчевски пред и по исчезнувањето на Вања.
Според обвинителската теза, одлуката за грабнување на Вања не постоела сè до неделата попладне, кога во партијата „Десна“ на Палевски, како што тврди Обвинителството, почнал да се оформува планот. Во тој контекст, Јакимовски посочил дека токму тогаш таткото им испратил порака на децата дома да се облечат „небаре ќе одат на планина“. За Обвинителството, ова не е изолиран детал, туку дел од поширока низа околности што првостепениот суд, според жалбата, не ги анализирал доволно.
Обвинителството дополнително се повикува и на однесувањето на Ѓорчевски следниот ден, тврдејќи дека тој повторувал дека детето е грабнато и убиено, се движел кон Качанички пат и спомнувал можност грабнувачот да е постар човек. Во жалбата се наведува и дека мајката и сестрата на Вања се придружиле кон кривичниот прогон, што Обвинителството го толкува како уште една околност што судот требало да ја земе предвид во оценката на доказите.
Одбраната на Ѓорчевски, пак, останува на ставот дека нема докази за негова вмешаност. Адвокатот Владимир Туфегчиќ тврди дека Основниот кривичен суд правилно постапил кога го ослободил Александар Ѓорчевски, оценувајќи дека не постои правна и разумна основа за вина. Во оваа фаза, Апелација не одлучува врз основа на јавниот притисок, туку врз основа на тоа дали првостепената пресуда има правни слабости, пропусти во доказната анализа или погрешно утврдена фактичка состојба.
Случајот има јасна хронологија во обвинителниот акт. Панче Жежовски бил грабнат во Велес за да биде искористено неговото возило „цитроен“ во планот за грабнување на Вања во Скопје. Според обвинението, Вања била грабната на 27 ноември 2023 година во влезот од зградата на улицата „Наум Наумовски Борче“, по што била однесена во близина на селото Бразда, каде што била убиена. Телата на Вања и Панче беа пронајдени на 3 декември 2023 година.
Во првостепената постапка, Манев и Кешишев ги признаа делата и детално ги опишаа, посочувајќи го Палевски како човекот кој пукал во двете жртви. Палевски и Видевски, пак, негираа вина и тврдеа дека немаат врска со киднапирањата и убиствата. Токму различните искази, признанијата, материјалните докази и спорната улога на таткото сега повторно се наоѓаат пред Апелацискиот суд.
Втората инстанца сега треба да одговори на две различни прашања. Првото е дали доживотните казни за четворицата осудени ќе останат во сила или предметот ќе се врати на повторно судење. Второто, правно и општествено уште почувствително, е дали ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски ќе биде потврдена или Апелација ќе оцени дека првостепениот суд пропуштил да анализира клучни околности.
Случајот Вања и Панче одамна излезе од рамките на обичен кривичен предмет. Тој стана тест за тоа како судството постапува во предмети со огромна јавна тежина, со силни емоции, со политички сенки и со докази што мора да се читаат ладно, прецизно и без простор за претпоставки. Апелација сега не ја носи само следната правна одлука во случајот, туку и одговорот дали првостепената пресуда била доволно цврста за еден од најпотресните злосторства во Македонија.