Системот „Безбеден град“ нема да биде наменет само за домашните возачи, туку ќе ги опфати и странските државјани кои транзитираат низ Македонија и ќе сторат сообраќаен прекршок. Со новите законски решенија, целта е сите учесници во сообраќајот да бидат третирани еднакво, без разлика дали управуваат возило со домашни или странски регистарски таблички.
Според информациите, прекршоците што ќе ги регистрира системот ќе можат да се процесираат и за возила регистрирани во странство. Надлежните институции најавуваат воспоставување механизми за размена на податоци со други држави и соработка со странските институции, со цел санкциите да можат да бидат доставени и наплатени и од странски возачи.
Проектот „Безбеден град“ функционира преку мрежа од паметни камери кои автоматски регистрираат сообраќајни прекршоци, како што се пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, управување нерегистрирано возило, како и други прекршоци предвидени со закон. Системот работи 24 часа дневно и овозможува автоматска евиденција на прекршокот, без потреба од непосредна интервенција на полициски службеник.
Надлежните посочуваат дека со ова решение се затвора можноста странските возачи да ги избегнуваат санкциите само затоа што се во транзит низ државата. Македонија е важна транзитна рута на Балканот, особено во летниот период кога низ земјата минуваат илјадници туристи и товарни возила, па еднаквата примена на правилата треба да придонесе за поголема безбедност на патиштата.
„Безбеден град“ е дел од пошироката стратегија за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зајакнување на дисциплината во сообраќајот. Од стартот на неговата примена, системот веќе регистрира илјадници прекршоци неделно, при што најголем дел се однесуваат на возење со брзина поголема од дозволената.
Освен за домашните возачи, законските измени предвидуваат постапките да важат и за странските државјани, со што се очекува да се воспостави поефикасен систем за санкционирање и да се спречи избегнувањето на казните од страна на возачи кои ја напуштаат државата веднаш по сторениот прекршок.
