Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Богата викенд програма на МОТ

Викенд програма на МОТ започнува со перформансот на „Локомотива“ кој доаѓа како дел од соработката со МОТ оваа година во организацијата програмата плус на фестивалот „Перформанс Платформа/Номад ДанСесии“, составена од резиденција и дискусија: „Институција која недостасува“.

Партнер на оваа соработка е Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и МОТ фестивалот, а програмата е и дел од мрежата Life Long Burning.

„Институција која недостасува“ е продолжение на серијата (кокураторски) разговори „Дијалог кој недостасува“, кои ги започнаа минатата година „Локомотива“ и „Прво па женско“ на МОТ со цел да се креира простор во јавноста каде што ќе можеме заедно да рефлектираме за делата, праксите, потребите, процесите, условите и политиките во полето на современите изведувачки уметности.

Разговорите, како дел од придружната програма на МОТ, ќе се одржат денеска точно на пладне со почеток во 12:00 часот во Галерија 2 на МКЦ.

„Скопје, големо бегство“

Програмата на МОТ вечерва продолжува со „Скопје, големо бегство“, во продукција на Универзитет Американ колеџ и за своја почетна локација го има Дом на културата „Кочо Рацин“ со почеток во 14:00 часот.

Перформансот е имерсивна претстава и аудио-визуелно искуство, кое ја ангажира публиката низ дел од заборавените места во Скопје, каде што низ колективна прошетка се отвораат прашања за општествената димензија на јавните простори.

Градот и реката се во непрекината, турбулентна дискусија околу која жителите го населуваат ова променливо, понекогаш ирационално, место кое го перципираат како свој дом.

Дали тоа претставува вечна љубовна приказна или приказна за борбата како ова место да се направи прифатливо за живот? Мисловно-емотивното ткиво на оваа претстава се состои од судир на старото и новото, илузорното, фиктивното и реалното, секојдневното, но и спој на минатите генерации и сеќавања и нова, младешка енергија, која се обидува да најде нови начини за реинтерпретација на градските простори.

Перформансот е продуцира според концептот на Атила Антал и Вишња Жугиќ, во режија на Атила Антал, а по текст на Љупчо Јованов.

Во перформансот настапуваат: Дејан Битровски, Илина Костовска, Стефани Шааршмит, Тереза Лазарев, Викторија Коцева, Ана Ковачка, Мила Стојановска, Елена Стојкоска, Михаела Дамчевска, Ива Георгиева, Филипа Бибановска, Леонтина Ѓорѓиевска, Марија Ѓеоргиева, Талиа Петров, Гала Стојмановски, Никола Игновски, Јана Лукровска, Ана Токарева, Надја Лукановска.

Геа

На сцената Фросина во МКЦ, вечерва во 20:00 часот, ќе биде изведена и претставата „Геа“ на театарската група Ерос АнтЕрос од Италија. Автори се Давиде Сако и Агата Томшич, а режисер Давиде Сако.

Гea, исконската божица на неисцрпната моќ на творецот, божествената сила на Земјата и потеклото на самиот живот, е главниот лик на ова ново патување. Мајка на небото и морето, на ноќта и денот, таа е протагонистка на остра жалост, која го продолжува вокално-музичкото истражување на ЕросАнтЕрос, а во исто време влегува во однос со префинет видеоуред, кој ја поттикнува публиката да не остане рамнодушна кон минатото, сегашноста и иднината на нашиот единствен заеднички дом: Геа, Земјата. Според теоријата на Џејмс Лавлок од 1979 година, која ги револуционизира студиите за екологијата и животната средина, Земјата е Геа, единствен жив организам способен да се саморегулира и да реагира на сите оние нови и негативни фактори, кои ја нарушуваат нејзината природна рамнотежа.

Проектот на МОТ пристигна преку EFFEA (European Festivals Fund for Emerging Artists 2023, co-funded by the European Unioн).

Коло

Фестивалската програма вечерва ќе продолжи со „Коло“ (22.00, МКЦ), како експериментален истражувачки проект, кој го анализира функционирањето и создавањето во заедницата, можноста и неможноста за физички контакт. Централен елемент е орото.

Овaa претстава на МОТ фестивалот е дел од проектот (Не)Врзани Движења, а е курирана од Биљана Тануровска-Ќулавковски

Авторите на претставата за неа велат дека при уметничкото истражување и создавањето на претставата „Коло“, ги преиспитувале современите манифестации на заедницата, со фокус на физичките аспекти на нејзиното прикажување преку танцовата практика. Ја испитувале можноста и неможноста да се оствари контакт во време на промени врз основа на дигиталните технологии, користејќи ја како катализатор „новата реалност“ предизвикана од пандемијата. Народното оро [коло] беше централниот елемент на внимание во работата. Иако и други танцови техники користат физички контакт помеѓу изведувачите, ние го третиравме орото [коло] како воспоставен културен модел што го обликува искуството на заедничките моменти во колективните собири. Постојаниот физички контакт на групата, едноставноста на движењата и акцентот на заедничките активности ја формираат основата врз која го развивме нашиот материјал.

Дрво низ времето

Викенд програмата на МОТ утре ја вклучува невербалната театарска претстава „Дрво низ времето“ (16:00 МКЦ, сцена Фросина) како авторство и режија на Колектив Ветерница.

Преку невербален театарски израз и препознатливата естетика на физичката интерпретација на Колективот Ветерница, инклузивниот ансамбл во соработка со Трисомија 21 Скопје ја раскажува приказна за човекот, кој ја разграбува природата, водејќи се себеси кон самоуништување. Истражувајќи го процесот на премин на фазите „од  преживување до изживување“, увидот дека врската со природата е нераскинлива, го откинува и последниот крик за сознание кој тлее длабоко во сите нас од кои зависи нејзината иднина.

Нерон

Тетарската програма на МОТ утре, недела, продолжува со „Нерон“ (МКЦ, Сцена 25 мај, 20:00)

Претставата, според авторскиот концепт на Христо Христов и во режија на Ѓорѓи Ризески, е невообичаено автентична на времето во кое се случува, но со истата универзална порака што ја пренесува низ вековите. Човекот најмногу страда поради отсутвото на љубов, онаа љубов што ја носи во самиот себе.

Ова е претстава за сите души кои вистински се стремат да го разберат најзначајниот проблем на човештвото и како да го натераат да престане да се повторува. Ова е претстава за „Владетелот“, кој е одраз на народот, но за луѓето што се одраз на владетелот.

Претстава за политиката: во минатото, сегашноста и иднината… Поточно, за грешките на политиката, за грешките на владеењето со луѓето, со системите. Претстава за злото, но и за надежта.
За разбирањето на злото. За рамнотежата на светот. За иднината, за децата. За тоа што се случи, и ќе се случи, за жал, повторно. За милионите убиени луѓе пред нашето постоење… За чистата смисла на нивното заминување. Голема точка во мало шоу…

Зачлени се на нашиот е-билтен