Голема благодарност до претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, но и на сите во Собранието што придонесоа за тоа да се ратификуваат договорите од Отворен Балкан, за да можеме конечно да ги имплементираме договорите, рече српската премиерка Ана Брнабиќ на прес конференцијата што ја одржаа заедно со претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски по повод официјалната посета на македонската владина делегација во Белград.
– Така граѓаните и стопанството уште повеќе ќе видат корист од оваа иницијатива. Ние ќе продолжиме да имаме технички работни состаноци на оперативно ниво и тие се одржуваат наредната недела.
Таа додаде дека и Србија и останатите земји имаат корист од иницијативата Отворен Балкан.
– Во трговската размена помеѓу Србија и Северна Македонија, Србија има значаен суфицит. Нашиот извоз бил во 2022 година преку 940 милиони евра, додека нашиот увоз бил преку 511 милиони евра. Но, она што го донесе Отворен Балкан е дека нашиот увоз од Северна Македонија во Србија многу брзо порасна, односно 56 проценти. Оваа иницијатива создава баланс и во овој момент можете да видите дека трговската размена повеќе и одговара на Северна Македонија, кажа Брнабиќ.
Таа додаде дека слична е паралелата и со Албанија.
– На сите им е во корист иницијативата и се надевам дека кога ќе видат следната година конкретните показатели за 2023 година и останатите во регионот ќе сакаат да се приклучат на иницијативата. Тоа е економски паметна одлука. Тоа е и симболично одлично за младите, да покажеме дека нашата иднина може да биде подобра, истакна српската премиерка.
Според неа, само врз основа на иницијативата БДП на земјите може да порасне за седум проценти.
Српската премиерка најави дека Српскиот културно-информативен центар во Париз ќе биде место за промоција на иницијативата „Отворен Балкан“ во Европа и во светот.
– Република Северна Македонија и нивното министерство дадоа согласност за програмата за промоција на Отворен Балкан. Бев во контакт со албанскиот премиер Еди Рама, за и нивното министерство да даде согласност и да почнеме со имплементација. Практично, еден наш центар во Франција, воцентарот на Париз, ќе биде користен за промоција на културите на Србија, Северна Македонија и Албанија, истакна Брнабиќ.
Таа додаде дека Северна Македонија има водечка улога во иницијативата Отворен Балкан, а придобивки имаат сите.