Битола од 24 до 27 јуни ќе живее во ритамот на музиката, уметноста, младинската култура и граѓанскиот активизам со јубилејното 25. издание на фестивалот „Битола Отворен Град“.
Фестивалот, кој во изминатите две и пол децении прерасна од локална младинска иницијатива во една од најпрепознатливите културни платформи во Македонија, годинава ќе се одржува на повеќе локации низ градот.
„Некои градови имаат фестивал. Овој фестивал има град“, порачуваат организаторите, нагласувајќи дека улиците, кафулињата, Широк Сокак, Старата битолска чаршија и јавните простори повторно ќе се претворат во отворени сцени.
Годинашната програма носи концерти, диџеј-сетови, изложба, работилници, јавна дискусија, волонтерска акција и берза на винили. Меѓу главните музички имиња се Суперхикс, словенечката група Lelee, српскиот состав Osmi Dan, Пијан Славеј со Добрила Грашеска, како и повеќе домашни и регионални изведувачи.
Фестивалот ќе започне во среда, 24 јуни, со прес-конференција и изложбата на минијатури „Ела поблиску“ на Тони Соколов Солза во кафе-бар „Тигре“. Вечерта на истата локација ќе се одржи дружење со пријателите на фестивалот и настап на Пијан Славеј со Добрила Грашеска.
Во четврток програмата ќе понуди диџеј-работилница со Herzel и работилница за финансиска писменост наменета за новата генерација. Вечерниот дел започнува со зајдисонце, коктели и музика, а продолжува со концерт на Lelee во Старата битолска чаршија и три паралелни диџеј-настапи низ градот.
Петочната програма ќе започне со волонтерска акција, по што на летната сцена на МКЦ-Битола ќе се одржи јавната дискусија „Дали сме навистина добро?“, посветена на менталното здравје и благосостојбата.
Главната концертна вечер ќе се одржи на Широк Сокак, каде ќе настапат Eruption, Суперхикс и српскиот состав Osmi Dan, со програма посветена на музиката на Linkin Park, Metallica, The Prodigy, Billy Idol, U2, Moby, Ramones, Rammstein, Limp Bizkit и други познати имиња.
Последниот фестивалски ден ќе започне со берза на винили и настап на DJ Chiko, а јубилејното издание ќе заврши со концерт во Скејт-паркот на Шеталиштето во Битола, каде ќе настапат Paranoid, The Pot и Sinful Glare.
Во текот на 25 години низ „Битола Отворен Град“ поминале генерации музичари, уметници, активисти, волонтери и млади луѓе. Фестивалот одамна ги надмина рамките на обичен културен настан и стана дел од идентитетот на градот.
Организатор на фестивалот е Младинскиот културен центар – Битола, со поддршка од Општина Битола во рамките на Годишната програма за култура, како и од партнерите и спонзорите.
Сите настани се бесплатни и отворени за јавноста.
Целосна програма
Среда, 24 јуни 2026
12:00 – Прес-конференција и изложба на минијатури „Ела поблиску“ на Тони Соколов Солза, кафе-бар „Тигре“
20:30 – Вечер со пријателите на „Битола Отворен Град“ и настап на Пијан Славеј со Добрила Грашеска, кафе-бар „Тигре“
Четврток, 25 јуни 2026
11:00 – Диџеј-работилница со Herzel, кафе-бар „Тигре“
12:30 – Работилница „Money Talks – Финансиска писменост за новата генерација“, поддржана од VibeOn Sparkasse, кафе-бар „Тигре“
19:00 – Sunset Chillout Zone, Cocktail Mobile, поддржано од „Тиквеш“, и DJ Boc.a, кафе-бар „Repeat“
21:00 – Концерт на Lelee од Словенија, Стара битолска чаршија
22:00 – Triple DJ Attack со паралелни настапи:
Tendts b2b Unickue од Грција, кафе-бар „Јагода“
Dee од Србија, кафе-бар „Добри вибрации“
Herzel од Македонија, кафе-бар „Deus“
Петок, 26 јуни 2026
11:00 – Волонтерска акција
18:30 – Јавна дискусија „Дали сме навистина добро?“, во соработка со „Свесност – Центар за психотерапија“, летна сцена на МКЦ-Битола, улица „Цар Самоил“ број 29
20:30 – Концерт на Eruption, Суперхикс и Osmi Dan од Србија, со музика посветена на Linkin Park, Metallica, The Prodigy, Billy Idol, U2, Moby, Ramones, Rammstein, Limp Bizkit и други, Широк Сокак кај хотел „Македонија“
Сабота, 27 јуни 2026
11:00 – 17:00 – Берза на винили со DJ Chiko, кафе-бар „Јагода“
21:00 – Концерт на Paranoid, The Pot и Sinful Glare, Скејт-парк на Шеталиштето во Битола
