Цела Влада може да се критикува, само МНР не, пресече Муцунски

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во само неколку реченици успеа да ја признае основната функција на опозицијата во парламентарната демократија, а потоа веднаш да побара таа да не важи токму за политиката што ја води неговото Министерство.

Опозицијата, според Муцунски, има право да ја критикува речиси целата Влада. Може да зборува за економијата, здравството, образованието, правосудството, јавната администрација и за сите други области. Но, кога станува збор за надворешната политика и европската интеграција, од неа не се очекува критика, туку извинување и „безрезервна поддршка“.

„Имаат легитимно право, па јас би рекол скоро за се да дадат и критика и став. Тоа е и функцијата на опозиција во една парламентарна демократија, да критикува, да дава инпут. Но, во делот на надворешната политика сметам дека тоа е областа каде што треба да се извинат на граѓаните за сите грешки кои што ги правеа во тој седумгодишен период од владеење и да дадат безрезервна поддршка на Владата за да може да ги поврати позициите на државата и да може да работи за создавање систем каде што конечно ќе имаме предвидливост по европскиот пат“, изјави Муцунски во интервјуто за МИА.

Со оваа формула Муцунски практично поставува политички исклучок: надворешната политика треба да биде заштитена од опозициска контрола затоа што претходната власт, според неговата оценка, направила „страшен дебакл“. Но, политичките грешки на поранешната влада не можат да бидат трајно алиби за отсуство на контрола врз сегашната. Уште помалку можат да го укинат правото на пратениците, медиумите и јавноста да прашуваат што прави актуелната Влада.

Уставната поставеност не познава област во која министрите се ослободени од политичка одговорност. Владата и секој нејзин член одделно одговараат пред Собранието, а пратениците имаат право да поднесат интерпелација и да поставуваат прашања за работата на секој носител на јавна функција. Од овие одредби произлегува дека нема посебен имунитет за надворешната политика или за министерот што ја води.

Противречноста е уште поголема затоа што Муцунски во истото интервју потврдува дека Владата води разговори „под радарот“ за деблокирање на европскиот пат. Тој не кажува со кого точно се разговара, што е ставено на маса, какви „дополнителни обврски“ се бараат од Европската Унија и што Владата би била подготвена да прифати. Образложението е дека објавувањето на деталите би можело да ги осуди разговорите на неуспех.

Дипломатските разговори не мора во секоја фаза да се водат пред камери. Но, колку што процесот е позатворен за јавноста, толку е поголема потребата од институционална и политичка контрола. Муцунски, наместо да понуди механизам за доверливо информирање на Собранието и за градење државен консензус, бара однапред дадена и безрезервна поддршка за политика чии детали и резултати не се познати.

Тоа не е консензус. Консензус се гради со споделување информации, аргументи, јасни цели и граници на можниот компромис. Безрезервната поддршка, побарана пред да биде познато што се преговара, повеќе наликува на политички бланко-чек.

Муцунски тврди дека од високи претставници на земјите членки слушал и „поинакви пораки“, според кои кон Македонија треба да се преземат дополнителни обврски за да се гарантира предвидливоста на европскиот пат. Но, не кажува кои се тие претставници, какви се обврските и дали постои официјална поддршка за промена на преговарачката рамка.

Во јавно соопштената позиција на Европската Унија засега нема таква промена. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на 2 јуни во Скопје повтори дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално продолжување на пристапните преговори.

Владата има право да се обиде да обезбеди подобра позиција, дополнителни гаранции и попредвидлив процес. Има право и да ја критикува политиката на претходната власт. Но, нема право минатите грешки да ги користи како аргумент зошто нејзината сегашна политика не треба да биде критикувана.

Токму надворешната политика, во која се носат одлуки со долгорочни последици за Уставот, идентитетските прашања, односите со соседите и европската иднина, бара најголема, а не најмала демократска контрола. Опозицијата може да греши, да манипулира или да настапува партиски, но одговорот на тоа не е забрана на критиката, туку факти, отчетност и јасни резултати.

Пораката што останува од интервјуто е необична за парламентарна демократија: критикувајте ја Владата колку што сакате, само не прашувајте што прави Министерството за надворешни работи. Особено додека работи „под радарот“.

Најчитано