Атомската бомба во Хирошима создала досега непозната легура

Речиси 81 година по атомското бомбардирање на Хирошима, научниците открија досега недокументирана метална легура создадена во екстремните услови на експлозијата од 6 август 1945 година.

Легурата била пронајдена во микроскопска честичка од таканаречените „хирошимаити“, стаклести капки зачувани во песокот на заливот Хирошима. Тие настанале кога огнената топка од експлозијата испарила делови од зградите, металите, почвата, стаклото и водата, по што материјалите нагло се изладиле и паднале врз околината.

Меѓународниот тим, предводен од професорот Лука Бинди од Универзитетот во Фиренца, анализирал 34 примероци од песокот. Во стаклестите честички биле откриени ситни метални зрна, од кои четири биле издвоени за подетално испитување. Секое било широко околу десет микрометри.

Три од зрната содржеле познати легури на железо и хром. Четвртото, меѓутоа, имало досега невидена, високо организирана атомска структура богата со силициум. Во нејзиниот состав биле утврдени железо, хром, никел, манган, молибден, силициум и алуминиум.

Научниците сметаат дека легурата се формирала кога различни метални испарувања се измешале во огнената топка, а потоа биле изложени на исклучително брзо ладење. Таквиот процес ги „замрзнал“ атомите во распоред кој не е забележан кај природните или конвенционално произведените индустриски легури.

Откритието може да помогне во подобро разбирање на однесувањето на материјалите при екстремни температури, притисоци и брзо ладење. Истражувачите посочуваат дека структурата може да биде значајна и за развојот на нови легури, како и за нуклеарната форензика, преку која се реконструираат условите при нуклеарни експлозии.

Истражувањето е објавено во научното списание „Science Advances“ под наслов „Откривање повеќекомпонентна легура создадена од атомската експлозија во Хирошима“.

Атомската бомба била фрлена врз Хирошима во 8:15 часот на 6 август 1945 година. Градските власти проценуваат дека до крајот на истата година починале околу 140.000 луѓе како последица на експлозијата, пожарите и изложеноста на радијација.

Најчитано