Девет места надолу за две години: слободата на медиумите во слободен пад

медиумските

Трендот на пад на медиумските слободи во последните неколку години отвора сериозни прашања за насоката во која се движи медиумската сцена.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Медиумските слободи во Северна Македонија бележат постепено, но континуирано назадување, покажуваат најновите оценки на Репортери без граници. На индексот за медиумските слобод на оваа организација, Македонија премина од групата „задоволителна“ во „проблематична“ во однос на слободата на печатот.

Трендот на пад на медиумските слободи во последните неколку години отвора сериозни прашања за насоката во која се движи медиумската сцена.

Македонија падна за уште три места подолу на Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници (РСФ), и годинава се најде на 45-то место. Минатата година, државата исто така забележа пад од 36-то на 42-то место. Севкупно земено, за две години државата се најде девет места подолу на овој индекс.

Загрижува што овој пад не е изолиран случај, туку дел од поширок негативен тренд: во период од две години земјата изгубила вкупно девет позиции, што укажува на континуирано еродирање на условите за слободно и независно новинарство. Паралелно со тоа, и самата оценка (индексот) се намалува, што значи дека не станува збор само за релативно поместување во рангирањето, туку и за реално влошување на состојбата.

Овој тренд се вклопува и во регионалната слика. Според анализите, медиумските слободи генерално опаѓаат во повеќето земји од Западен Балкан, што дополнително го нагласува фактот дека станува збор за поширок феномен, но тоа не ја намалува одговорноста на домашните институции.

Клучните забелешки на Репортери без граници за Северна Македонија не се однесуваат толку на директна цензура, колку на суптилни, но системски притисоци врз новинарите и медиумите. Организацијата укажува дека новинарите во земјата работат во средина која формално дозволува слобода, но во пракса е оптоварена со политички влијанија, недоволна транспарентност и институционална недоверба.

„Иако новинарите не работат во непријателска средина, широкораспространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесува во намалувањето на општествената доверба во медиумите, што ги прави независните медиуми ранливи на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат слаби и понижувачки ставови кон новинарите“, пишува во објавата на Репортери без граници.

Посебно се потенцира односот на властите и државните институции кон новинарите. Наместо партнерски однос и отвореност, често се забележува селективна транспарентност, ограничен пристап до информации и тенденција институциите да комуницираат преку контролирани канали, наместо директно со медиумите. Ова создава амбиент во кој новинарството е формално слободно, но суштински ограничено.

„Поради силни политички поделби, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи преку кои го насочуваат своето политичко и економско влијание. Јавниот сервис има недостаток од уредувачка и финансиска независност“, објави РСФ.

Дополнителен проблем што го нотираат извештаите е ширењето дезинформации и слабата институционална реакција на нив. Во таква средина, професионалните медиуми се ставаат во нерамноправна позиција, бидејќи се соочуваат со конкуренција од неконтролирани и често политички мотивирани извори на информации. Ова не само што ја поткопува довербата во медиумите, туку и го усложнува нивното работење.

РСФ укажуваат дека иако телевизијата е доминантниот извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога, но како што велат „мора да се направи разлика меѓу професионалните онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинални содржини и индивидуални портали кој плагијализираат и копираат содржини. Исто така, постои голема разлика меѓу користењето и довербата: најгледаните ТВ станици – Алсат, Сител, МТВ1, Канал 5 – имаат низок индекс на доверливост“.

Иако нема системска репресија или насилство врз новинарите како во некои други земји, Репортери без граници предупредува дека токму „меките“ форми на притисок – политички, економски и институционални – можат да бидат подеднакво штетни на долг рок. Тие создаваат автоцензура, ја намалуваат критичноста и го ослабуваат јавниот интерес како водечка вредност во новинарството.

Во однос на правната рамка, оттаму посочуват дека додека уставот ја гарантира слободата на говор ја забранува зензурата, земјата бавно го усогласува законодавството со стандардите на Европската Унија, каде има намера да се придружи.

„Стратешките тужби против јавно учество (СЛАПП) служат како инструменти на заплашување и притисок врз независните медиуми. Повторното воведување на законската можност националните и локалните власти да се рекламираат во приватни медиуми поттикнува загрижност за можното поврзано политичко влијание“, велат од РСФ.

Економската ранливост на медиумите е уште еден фактор што придонесува за падот. Глобалните трендови покажуваат дека финансискиот притисок врз медиумите станува сè поизразен, што директно влијае врз нивната независност.

Во македонскиот контекст, ова се надополнува со ограничен пазар и зависност од јавни средства и реклами, што дополнително ја зголемува можноста за политичко влијание.

Сумирано, трендот на континуиран пад на медиумските слободи е јасен и алармантен сигнал. Наместо стабилизација или напредок, земјата се движи во спротивна насока, со постепено влошување на условите за работа на медиумите. Очигледно е дека постојните политики и институционални практики не се во прилог на заштитата на медиумските слободи и дека се потребни многу сериозни реформи и промена на менталитетот на властите за да се запре овој тренд.

Зачлени се на нашиот е-билтен