Во неделата навечер во дворот на Белата куќа, симболот на американската демократија, полуголи мажи се тепаа во метален кафез пред 4.300 гости. На истото тоа место, помалку од година и пол претходно, украинскиот претседател Зеленски беше прозиван зошто не носи костим и дали го „почитува достоинството на оваа канцеларија“, а Трамп току во дворот при дочекот, му дофрли за неговиот аутфит. Сега, проблем изгледа нема, иако голи мажи во кафез во дворот на Белата куќа се тепаат еден со друг.
Претседателот на САД седеше во кругот на рингот. Еден борач ја навреди Мишел Обама со стара конспиративна лага. Трамп се насмевна. Никој не рече ништо официјално. Следното утро на Truth Social, ги пофали борачите, вклучувајќи го и навредувачот, нарекувајќи ги „неверојатни“.
Добредојдовте во „UFC Freedom 250“: роденденска прослава за 80-годишниот претседател, завиткана во патриотски целофан и продадена како чествување на 250-годишнината на земјата. Настан за кој се зборува дека врие од конфликт на интереси, забранети новинари, десетици милиони долари трошоци и монети по 12.000 долари со ликот на претседателот. Одвнадвор, половина од Американците велат дека настанот е несоодветен.

Настанот не настана преку ноќ. Трамп и Дејна Вајт (Dana White), шефот на UFC, се пријатели повеќе од дваесет години. Врската почна во 2000 година, кога UFC беше забранет во 36 американски држави и ниеден организатор не сакаше да им отвори врата, освен Трамп, преку неговиот Таџ Махал (Taj Mahal) казино во Атлантик Сити. UFC 28, 30 и 31 се одржаа на Трамповата сопственост, а Вајт му возвраќа со поддршка во сите кампањи, додека Трамп редовно седи во прв ред на UFC-настани уште пред да стане претседател. Кога се врати во Белата куќа, идејата за „борба на тревата“ брзо стана план. До август 2025 договорот беше потпишан, а уште пред да заврши летото градежниците почнаа да ја монтираат 600-тонската метална конструкција, висока 28 метри и наречена „The Claw“ (Канџа) директно на јужниот тревник.
Кафезот, парите и забраната за новинари
Настанот чинеше над 60 милиони долари, а UFC тврдеше дека ја покрива продукцијата. Но безбедносните трошоци на ниво на Super Bowl – со скенери и регистрација за секој гостин – достигнаа речиси 12 милиони долари само за DC полицијата, платени од федерален фонд, т.е. од даночните обврзници. Поправката на уништената трева ќе ја плати UFC: 700.000 долари. Федералната земја беше отстапена бесплатно, без одобрение од Конгресот и без задолжителна еколошка проверка – без преседан.

Во март 2026, Трамп купил акции во TKO Group Holdings, матичното друштво на UFC, во вредност меѓу 15.000 и 50.000 долари, а потоа почна интензивно да го промовира настанот. Паралелно, семејството Трамп лансираше комеморативни монети со ликот на претседателот и Дејна Вајт, продавани по цена до 11.999,99 долари. Ерик и Доналд Трамп Јуниор ги рекламираа преку RealTrumpCoins.com. Организацијата за јавен интегритет поднесе итна тужба нарекувајќи го „длабоко корумпиран приватен комерцијален настан“, но судијата ја одби два дена пред борбите.
Во меѓувреме, UFC ги контролираше акредитациите за новинари во Белата куќа. Членовите на дописничката асоцијација на Белата куќа добија порака дека нема да влезат освен ако не добијат одобрение директно од UFC, а не од администрацијата. Правото на емитување го имаше исклучиво Paramount+. Аналитичарите забележаа дека првпат во историјата приватна компанија одлучувала кој новинар смее да влезе во претседателската резиденција.
Критики стигаа од сите страни, не само од вообичаените политички противници. Ко-основачот на UFC, Rorion Gracie, јавно одби да го гледа настанот и го осуди како „непотребно насилство“. Шампионот Шон Стрикленд тврдеше дека е „забранет“ поради критиките кон Трамп, опишувајќи го настанот како „оскрнавување на веќе корумпираната влада“. Брус Мичел и Брендон ТРојвал ја отфрлија поканата за спектаклот, а Ројвал го спореди со филмот „Игри на гладните“ (The Hunger Games). Ронда Руси уште месеци претходно најави: „Нема да бидам таму.“ Официјалниот коментатор Џо Роган призна дека му е „чудно да се прави борба во Белата куќа среде проклетата војна“, а Двејн Џонсон, Адам Сендлер, Том Брејди, Џеред Лето и Марио Лопез одбија да дојдат.
Насмевката на претседателот и навредата кон Мишел Обама
Она што и најрамнодушните не можеа да го игнорираат се случи по вториот двобој. Џош Хокит, хеви-вајт борач, откако го нокаутираше Дерик Луси, го зеде микрофонот во интервјуто со Џо Роган и пред целиот свет изјави: „Мишел Обама е маж. Нели е така, Америко?“ Тоа е една од најстарите и најбрутални лажни конспиративни измислици што MAGA-светот ги врти околу поранешната прва дама. Публиката реагираше со мешавина од аплауз и збунетост. Роган само го затвори со: „Дами и господа – Џош Хокит.“

Трамп беше снимeн со „половина насмевка“ веднаш по коментарот. Белата куќа одби да го коментира случајот. CNN забележа дека администрацијата не може да објасни зошто молчи за навредата кон Обама, додека жестоко реагира на секоја навреда кон Меланија. Дејна Вајт го осуди коментарот во порака до Time Magazine, нарекувајќи го како „бесмисла“, но призна дека речиси гарантирал оти Хокит ќе каже „лоши работи“ на ваква сцена.
Водителката на „The View“, Сани Хостин беше директна: „Претседателот на Соединетите Американски Држави се насмевна и никогаш не се огласи. Тоа е под достоинството на Белата куќа и под достоинството на американскиот народ.“ Конгресменката Мелани Стензбери додаде: „Тој што се изблувал пред камерите за мерење тежина, сега фрла навреди кон поранешната прва дама? Одвратно. Добредојдовте во Трамп-администрацијата.“
Сето ова се случува на истото место каде што, не така одамна, конзервативен новинар поттикнат од трамповиот коментар при дочекот го праша украинскиот претседател Зеленски, лидер на земја во војна, зошто не носи костим и дали го почитува достоинството на канцеларијата. Зеленски тивко одговори: „Ќе го носам костимот кога оваа војна ќе заврши.“
Одговорот на историјата дојде година подоцна во форма на кафез, крв на тревата, позлатени монети и претседателска насмевка кон конспиративна навреда. New York Times го опиша настанот кусо: „На 250-годишнината на нацијата, стареечкиот претседател го претвори тревникот на Белата куќа во крвава гладијаторска арена.“ Историчари цитирани од агенциите го споредија настанот со гладијаторските игри во Рим.
Ако аутфитот на Зеленски навистина бил проблем за „достоинството на Белата куќа“, останува прашањето што се тогаш голи мажи во кафез во дворот на истата таа куќа.
