Димитриеска Кочоска во колизија со Трајко Славески

Димитриеска Кочоска влезе во директна колизија со гувернерот на Народната банка Трајко Славески околу банкарските провизии, откако министерката за финансии порача дека надоместоците за платежни услуги не се законска материја, додека Славески бара јавна и институционална дебата за можни законски измени и поголема заштита на граѓаните.

Судирот доаѓа по најавите на четири банки во земјава за зголемување на надоместоците во платниот промет, што предизвика реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето дали банкарските услуги се само комерцијален трошок или неопходна инфраструктура без која граѓаните и компаниите не можат да функционираат.

Димитриеска-Кочоска, одговарајќи на новинарско прашање, беше кратка и категорична. Таа рече дека надоместоците не се законска материја и дека Министерството за финансии го разгледува само она што е во законска рамка. Со тоа практично ја затвори вратата за интервенција преку законски измени во насока на ограничување или регулирање на дел од банкарските провизии.

Славески, пак, во претходниот настап посочи дека Народната банка во моментов нема директна законска надлежност да ги регулира сите надоместоци што ги наплаќаат банките, но дека актуелните поскапувања ја наметнуваат потребата од преиспитување на постојната рамка. Тој повика да се разгледаат можности по примерот на европски земји, каде што постојат механизми за заштита на корисниците и за фер услови при користење платежни услуги.

Тука се отвора суштинската дилема. Ако Народната банка предупредува дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат граѓаните и компаниите, а Министерството за финансии вели дека надоместоците не се законска материја, тогаш прашањето за провизиите останува заглавено меѓу регулаторен апел и политичко одбивање да се отвори законска дебата.

Во анализата на Рацин.мк се посочува дека Славески не мора да остане само на апел, бидејќи Народната банка има институционални алатки: транспарентно споредување на тарифниците, надзор врз информирањето на клиентите, промовирање на платежната сметка со основни функции, иницијатива за законски измени, активирање на конкуренцијата и притисок преку европските платежни стандарди.

Но реакцијата на Димитриеска-Кочоска ја стеснува дебатата токму во момент кога банките ги зголемуваат цените на услуги од кои граѓаните тешко можат да избегаат. Плата, пензија, сметки, трансакции и секојдневни плаќања одамна минуваат низ банкарскиот систем, па затоа провизиите не се маргинален трошок, туку директен удар врз семејниот и деловниот буџет.

Колизијата меѓу министерката и гувернерот сега го поставува прашањето кој ќе ја преземе одговорноста. Славески бара поширока дебата и можни механизми, Димитриеска-Кочоска вели дека нема законска материја, а граѓаните остануваат меѓу банките што наплаќаат повеќе и институциите што сè уште не покажуваат заеднички одговор.

Најчитано