Бруто надворешниот долг на Македонија на крајот од март достигнал 12,94 милијарди евра, што е зголемување од 741,5 милиони евра само во првите три месеци од 2026 година.
Според податоците на Народната банка, надворешниот долг во однос на крајот од 2025 година пораснал за 6,1 процент. Најголем дел од зголемувањето произлегува од задолжувањето на јавниот сектор и издавањето на новата еврообврзница.
Јавниот надворешен долг во првиот квартал се зголемил за 461,4 милиони евра и достигнал 5,9 милијарди евра. Државата издаде еврообврзница во вредност од една милијарда евра, а во исто време предвреме откупи дел од претходната еврообврзница во износ од 384 милиони евра.
Пораст има и кај приватниот сектор. Надворешниот долг на приватните компании и банките е зголемен за 280,1 милион евра и достигнал 7,04 милијарди евра.
Најголем дел од зголеменото задолжување на приватниот сектор се однесува на обврски меѓу капитално поврзани компании, како и на повисоките обврски на банките и другите приватни претпријатија.
Истовремено се зголемиле и побарувањата на македонските субјекти од странство. На крајот од март тие изнесувале 8,14 милијарди евра, односно за 523,1 милион евра повеќе во споредба со крајот на минатата година.
Сепак, бидејќи обврските растеле побрзо од побарувањата, нето надворешниот долг се зголемил за 218,5 милиони евра и достигнал 4,8 милијарди евра.
Бруто надворешниот долг изнесува 70,5 проценти од проектираниот бруто-домашен производ за 2026 година. Процентот е понизок од оној на крајот на 2025 година, иако долгот номинално е зголемен, поради повисоката проекција за вредноста на економијата.
Податоците покажуваат дека Македонија го започна вториот квартал со значително повисоки обврски кон странство, при што најголем придонес во растот има новото задолжување на државата на меѓународниот пазар.
