Автомобилите во иднина би можеле да добијат уште едно светло кое денес речиси никој го нема – зелено стоп-светло на предниот дел од возилото. Идејата звучи необично, но истражување на Техничкиот универзитет во Грац покажува дека ваквиот сигнал би можел да спречи дел од судирите на раскрсници и да ја намали силата на ударот во други случаи.
За разлика од класичните црвени стоп-светла, кои ги гледаат возачите зад автомобилот, новото светло би било поставено напред и би светело зелено кога возачот притиска на сопирачката. Така, луѓето што го гледаат автомобилот од предната или страничната страна веднаш би знаеле дека возилото забавува или запира.
Научниците овој концепт го нарекуваат Front Brake Light – FBL. Неговата цел е да им даде дополнителна информација на возачите, велосипедистите и пешаците во ситуации во кои класичните задни стоп-светла воопшто не се видливи.
Истражувачкиот тим од TU Graz анализирал 200 реални сообраќајни несреќи на раскрсници во Австрија. Судирите биле детално реконструирани, а потоа преку симулации било проверено што би се случило доколку автомобилите биле опремени со предно зелено стоп-светло.
Резултатите покажале дека, зависно од времето на реакција, меѓу 7,5 и 17 проценти од анализираните судири потенцијално можеле целосно да бидат избегнати.
Во дополнителни случаи несреќата можеби немало да биде спречена, но пораното реагирање би можело да ја намали брзината при ударот, а со тоа и тежината на повредите.
Клучот е во дополнителното време за реакција.
Кога возачот од спротивната или страничната насока ќе го забележи зеленото светло, веднаш добива информација дека другиот автомобил сопира. Тоа може да му овозможи порано да започне со сопирање или да избегне погрешна проценка дека возилото ќе продолжи да се движи со иста брзина.
Системот би можел да има и уште една функција. Ако автомобилот стои, а зеленото светло престане да свети, тоа би можело да биде знак дека возачот ја пуштил сопирачката и дека возилото може повторно да тргне.
Истражувачите предлагаат зелената боја намерно да се разликува од црвените стоп-светла на задниот дел, за сигналот веднаш да биде препознатлив.
Но идејата има и ограничувања. Во дел од анализираните несреќи аголот меѓу возилата бил таков што светлото поставено само напред немало да биде добро видливо. Поради тоа научниците предлагаат вакви сигнали евентуално да се поставуваат и на страничните делови од автомобилот.
Истражувањето не значи дека зелените стоп-светла наскоро ќе станат задолжителни. Станува збор за концепт кој дополнително треба да се тестира, а за масовна употреба би биле потребни унифицирани технички стандарди и сообраќајни правила.
Сепак, резултатите покажуваат дека една релативно едноставна промена може да има значителен ефект. Наместо нови комплексни сензори и системи, понекогаш и едно дополнително светло може да им даде на учесниците во сообраќајот токму она што најмногу им недостига – неколку секунди повеќе за правилна реакција.
