Концерт на Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp за 35 години Стотројка

Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp

На 1 октомври (четврток) пред Домот на Армијата во Скопје пристигнува Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp, еден од најживописните и најнепредвидливите состави на современата швајцарска сцена.

Овој семоќен афро-дада-панк оркестар во постојана трансформација е основан во Женева во 2006 година од басистот и композитор Vincent Bertholet. Токму оваа година одбележуваат 20 години постоење. Во текот на овие две децении, низ повеќе варијации на составот и со шест албуми зад себе, Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp изградија свој музички свет во кој африканската полиритмија, highlife, free jazz, пост-панк, краутрок, и авангардната импровизација коегзистираат без потреба од јасни граници.

Името на оркестарот е инспирирано од големите африкански состави на 20 век, меѓу кои и Tout Puissant Orchestre Poly-Rythmo de Cotonou, додека Marcel Duchamp упатува кон револуционерниот француски уметник и неговиот радикален однос кон уметноста, формата и конвенциите. Некаде меѓу двете се наоѓа и музиката на овој необичен колектив.

На сцена, составот брои 12 музичари: бас, тапани и перкусии, гитари, маримби, виолина, виолончело, дувачки инструменти и повеќе гласови. Големината на бендот создава густ и слоевит звук, во кој повторливите ритми постепено се наталожуваат, мелодиите се разминуваат и повторно се среќаваат, а музиката постојано се движи меѓу дисциплина и импровизација. Во живо, овој еластичен колектив го покажува своето вистинско лице. Ритми што не може да се игнорираат, мелодии што кружат, растат и експлодираат во лавина од хармонии, бои и текстури, со остри, надреални и поетични текстови. Музички коктел што без предупредување те тера да се движиш, да почувствуваш и да размислиш.

Во Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp велат дека нивниот бенд е пред сè сила на колективот: поединечните изведувачи се важни, но најважна е музиката.

Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp
Четврток, 1 октомври 2026, 21.30 часот.
пред Домот на Армијата, Скопје

Концертот е дел од годишната програма по повод 35 години Канал 103, во соработка со Мртов коњ и Ѕирни фестивал, и е поддржан од Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Швајцарија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?