Кириите бегаат од платите: како пет европски градови се борат за станови што луѓето можат да си ги дозволат

Да имаш работа и солидна плата веќе не значи дека можеш да си дозволиш пристоен стан во голем европски град. Од Берлин и Париз до Даблин и Прага, растот на кириите и недостигот од достапни станови стануваат еден од најголемите проблеми за луѓето со ниски, но сè почесто и со средни приходи.

Некои градови градат и издаваат сопствени станови, други купуваат деловни згради и ги претвораат во домови, трети нудат поевтина кирија за медицински сестри, наставници и полицајци. Берлин, пак, повторно ја отвори многу порадикалната идеја – големите станбени компании да мора да отстапат дел од својот фонд на градот.

Европските метрополи немаат единствен рецепт, но нивните експерименти покажуваат колку длабока станала станбената криза.

Во Берлин, просечната цена на новите договори за изнајмување пораснала за околу 50 проценти во последните пет години, според анализата на Deutsche Welle. Во 2021 година мнозинството учесници на референдум поддржаа идеја според која големите профитни компании со повеќе од 3.000 станови би требало да бидат опфатени со модел на општествено преземање на станбениот фонд. Референдумот не беше правно обврзувачки и досега не доведе до таква промена.

Темата повторно доби политичка тежина по изборите во Берлин во септември 2026 година, но практичното спроведување на ваков модел останува правно и финансиски сложено прашање.

ВИЕНА

Сосема поинаков пристап има Виена.

Австриската престолнина повеќе од еден век инвестира во јавен и субвенциониран станбен фонд. Градот располага со околу 220.000 сопствени станови, а уште приближно 200.000 се дел од субвенционираниот сектор.

Резултатот е дека околу 60 проценти од жителите на Виена живеат во општински или субвенционирани станови. Големиот јавен фонд влијае и врз приватниот пазар, бидејќи создава конкуренција на комерцијалните станодавци и го ограничува притисокот врз кириите.

Тоа не значи дека Виена е имуна на поскапувањата. Земјиштето, изградбата и одржувањето стануваат поскапи и таму, но градот сè уште се издвојува од многу други европски метрополи по уделот на станови кои не се целосно препуштени на слободниот пазар.

БАЗЕЛ

Еден од најголемите трошоци при изградбата на станови во големите градови не е самиот објект, туку земјиштето.

Базел се обидува да го реши токму тој проблем. Наместо градското земјиште трајно да се продава, тоа се дава под долгорочен закуп на станбени задруги и инвеститори ориентирани кон достапно домување.

На тој начин инвеститорот не мора да плати огромна сума за купување парцела, а тој трошок подоцна да го вгради во цената на станот или киријата.

Околу 40 проценти од задружните станови во Базел се изградени на јавно земјиште. Слични модели во различна форма развиваат и Барселона и Лисабон

ПАРИЗ

Што се случува ако земјиштето одамна е продадено, а нов простор за градење речиси и да нема?

Париз се обидува да најде станови и таму каде што досега немало.

Од 2014 година француската престолнина го користи правото на првенствено купување недвижности за да го зголеми фондот на социјални станови, особено во деловите на градот каде што притисокот врз станарите е најголем.

Целта е социјалните станови до 2035 година да сочинуваат околу 30 проценти од станбениот фонд.

Истовремено, Париз и околните општини почнаа да бараат нова намена за празни или недоволно искористени деловни објекти. Во поширокиот париски регион се идентификувани 61 проект во кои деловни згради би можеле да бидат претворени во околу 8.200 станови.

ПРАГА

Прага се соочила со друг проблем: како во град со високи кирии да останат медицинските сестри, наставниците, полицајците и работниците во јавните служби.

Чешката престолнина затоа развива станови наменети токму за вработените во јавниот сектор.

Завршени се околу 660 такви станови, а моделот предвидува кирии приближно 20 проценти пониски од пазарните.

Инвеститор е компанија поврзана со чешка банка, проектот користи европски субвенции, а финансиската конструкција е поставена на период од 40 години. Кој ќе добие стан не го определува банката, туку институциите и јавните служби кои имаат потреба од кадар.

Така станот станува дел и од борбата за работници – болница која тешко наоѓа медицински сестри може да понуди не само работа, туку и домување со кирија пониска од пазарната.

ДАБЛИН

Посебна група луѓе се заглавени меѓу социјалните станови и слободниот пазар.

Заработуваат премногу за да ги исполнат условите за класично социјално домување, но недоволно за без проблем да плаќаат комерцијална кирија.

Даблин токму за нив во 2021 година го воведе моделот Cost Rental Housing.

Програмата опфаќа домаќинства со приходи под утврден праг, а становите ги нудат јавни и непрофитни организации без класична цел за максимизирање на профитот. Според истражување цитирано од DW, почетните кирии во овој модел во просек се речиси 30 проценти под пазарните.

Но побарувачката покажува колку проблемот е поголем од понудата.

За само 104 вакви станови во еден проект во југоисточен Даблин се пријавиле повеќе од 4.200 кандидати. Ирските власти планираат до крајот на деценијата да обезбедат 18.000 станови преку овој модел.

Различните модели од Виена, Базел, Париз, Прага и Даблин немаат ист резултат и тешко можат едноставно да се пресликаат од еден град во друг.

Но сите тргнуваат од истиот проблем: кога цените на недвижностите и кириите растат побрзо од можностите на луѓето што треба да живеат и работат во градот, домувањето престанува да биде проблем само на оние со најниски приходи.

Тогаш стан станува тешко достапен и за наставникот, медицинската сестра, полицаецот или младото семејство со две плати – токму луѓето без кои еден голем град не може нормално да функционира.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?