Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, беше пречекан со свирежи од дел од публиката додека учествуваше во доделувањето на наградите по финалето на турнирот во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол 2026“, одржано на 27 септември во Карпош 1.
На видеото објавенo се слушаат свирежи и негодување во моментот кога Лукровски се наоѓа на теренот. Од снимката не може прецизно да се утврди колкав дел од присутните учествувал во реакцијата, ниту недвосмислено да се потврди дали сите свирежи биле упатени лично кон градоначалникот.
Лукровски присуствуваше на завршницата и учествуваше во доделувањето на признанијата. По турнирот порача дека му претставува чест што Карпош бил домаќин и им честита на победниците и на учесниците.
Во финалето „Мега Лифтови“ ја совлада „Руди Компани“ со 4:1 и го освои победничкиот пехар. На годинашното, 22. издание на меморијалниот турнир учествуваа 40 екипи, а натпреварите се играа во период од 27 дена.
Организаторите во официјалниот извештај ја оценија завршницата како успешно заокружување на 22. издание на меморијалниот турнир, но не ја споменаа реакцијата од трибините. Свирежите станаа видливи за пошироката јавност откако се појави снимката од доделувањето.

