Драматично расте бројот на пациенти во Гостивар: Болницата едвај се справува

Драматично се зголемува бројот на граѓани кои бараат медицинска помош во Гостивар поради повраќање, дијареа, болки во желудникот и други симптоми на акутно гастроинтестинално заболување. Според последните информации што ги пренесе „Слободен печат“, во гостиварската болница во изминатите четири дена на преглед се јавиле околу 1.200 пациенти, од деца до повозрасни лица.

Редакцијата на Рацин.мк интензивно се обидуваше да стапи во контакт со директорот на Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, д-р Емри Бајрами, за да добие официјална информација колкав е бројот на пациенти кои се јавиле со симптоми на можно труење, колкумина биле задржани на лекување и дали болницата располага со доволно персонал и медицински материјали. Бајрами не одговори на повеќекратните телефонски повици, а по последните обиди телефонот му беше исклучен.

Истовремено, Рацин.мк разговараше со две медицински сестри вработени во гостиварската болница, кои побараа да останат анонимни. Нивните идентитети се познати на редакцијата.

„Од понеделник имаме зголемен број пациенти, главно повозрасни лица и деца, кои се упатуваат на преглед со симптоми што наликуваат на труење со храна. Првично се сомневавме дека можеби станува збор за некој угостителски објект, но од разговорите со пациентите стана јасно дека тие не јаделе на исто место“, вели медицинска сестра во гостиварската болница.

Друга медицинска сестра за Рацин.мк сведочи дека персоналот тешко се справува со напливот на пациенти и дека дел од граѓаните чекаат надвор од болничките одделенија.

„Не знам што да ви кажам. Утрово прочитав дека можеби е од водата. Не знам кој е виновен, но едвај се справуваме. Луѓе седат и во дворот на болницата, Брзата помош постојано носи пациенти, а ги има и по ходниците. Вакво нешто немам видено за повеќе од 11 години работа“, вели таа.

Овие сведоштва се разликуваат од претходната изјава на директорот Бајрами за локалниот портал „Гостивар прес“. Тој претходно тврдеше дека најверојатно станува збор за сезонска вироза, дека болницата добро ја менаџира состојбата и дека персоналот бил засилен со дополнителни лекари и медицински сестри. Бајрами тогаш изјавил дека пациентите главно примале амбулантска терапија и инфузија и дека немало масовно задржување на болничко лекување.

Причината за масовната појава на повраќање и дијареа сè уште не е официјално утврдена. Не се објавени целосни микробиолошки резултати од примероците земени од пациентите, ниту лабораториски наоди со кои би се потврдило дали станува збор за вирус, бактериска инфекција, загадена храна или неисправна вода.

Паралелно со напливот на пациенти, полицијата и Основното јавно обвинителство Гостивар истражуваат сомнение за загадување на водата за пиење. Инспектори, по насока на јавен обвинител, на 16 јули извршиле проверки во селото Вруток, каде биле откриени три пумпи поставени во корито низ кое истекувале отпадни води.

Според информациите што МВР ги доставило до „Слободен печат“, постојат основи на сомнение дека пумпите биле поставени од јавното претпријатие во координација со Општина Гостивар и дека преку нив вода била внесувана во главниот цевковод што го снабдува градот. Истражителите проверуваат дали интервенцијата била направена за зголемување на притисокот во мрежата поради недостигот од вода. Овие наводи се дел од истрага и одговорноста на институциите и конкретните лица сè уште не е утврдена.

Случајот се испитува поради сомнение за кривичното дело „загадување вода за пиење“. Во проверките се вклучени полицијата, Обвинителството, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина и лиценциран вештак кој треба да го испита системот со пумпите.

И покрај сериозноста на сомневањата и растечкиот број пациенти, до моментот на објавување на официјалните веб-страници на Општина Гостивар и ЈП „Комуналец“ не беше објавено соопштение со објаснување за поставените пумпи, квалитетот на водата или мерките што треба да ги преземат граѓаните. Последните објавени информации на општинската страница не се однесуваат на здравствената состојба или истрагата, додека на страницата на претпријатието нема ново известување за актуелниот случај.

ЈП „Комуналец“ уште на 24 јуни ги предупреди граѓаните дека водата од градскиот водовод привремено не е безбедна за пиење поради технички интервенции за подобрување и зголемување на притисокот во мрежата. Тогаш на жителите им беше препорачано да не користат вода од чешма до ново известување.

Гостивар во изминатиот период се соочува со недостиг од вода, слаб притисок и повеќечасовни прекини во одредени населби и околни села. Градоначалникот Ваљбон Лимани на почетокот на јули најави нова водоводна линија од изворот на Вардар во Вруток, со која капацитетот на водоснабдувањето требало да се зголеми за 50 до 60 проценти.

Временското совпаѓање меѓу масовната појава на стомачни тегоби и сомнението за внесување вода од загадено корито во главниот цевковод предизвика сериозна загриженост, но надлежните здравствени институции сè уште немаат потврдено директна причинско-последична врска.

За да се утврди дали водата е извор на заболувањето, потребно е лабораториските анализи да покажат ист причинител во водоводната мрежа и кај пациентите. Треба да се утврди и кога биле поставени пумпите, колку време работеле, од каде ја црпеле водата и до кои делови од градската мрежа таа можела да стигне.

До објавувањето на официјалните резултати, граѓаните немаат јасен одговор што ја предизвикало масовната појава на дијареа и повраќање, дали водата е безбедна за употреба и колкав е реалниот број на заболени и хоспитализирани лица.

Најчитано