Обвинителството и полицијата испитуваат дали отпадна вода била вбризгувана во главниот водоводен цевковод од кој се снабдува Гостивар, откако во селото Вруток бил откриен систем со три пумпи поставени во корито низ кое истекувале отпадни води.
Инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар на 16 јули, околу 18:20 часот, излегле на терен по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар. Постапувањето следувало по пријава и информации за можно нарушување на квалитетот на водата со која се снабдува градот.
Според информациите што СВР Тетово ги достави до „Фокус“, постојат основи на сомнение дека Јавното претпријатие „Водовод“, во координација со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито со истечни отпадни води. Преку пумпите, водата наводно била насочувана директно во главниот цевковод за водоснабдување на Гостивар.
Истражните органи проверуваат дали интервенцијата била направена за да се зголеми притисокот во водоводната мрежа во период кога делови од општината се соочуваат со недостиг од вода. Станува збор за првични сомненија на полицијата, а одговорноста на институциите и конкретните лица допрва треба да се утврдува.
Од Обвинителството потврдија дека по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија по поднесена пријава која се однесува на квалитетот на водата за пиење. Истрагата се води поради сомнение за кривичното дело „загадување вода за пиење“, предвидено со член 219 од Кривичниот законик.
Во расчистувањето на случајот се вклучени Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина и лиценциран вештак. Вештакот треба да го испита поставениот систем, начинот на неговото функционирање и можноста водата од коритото да навлегла во водоводната мрежа.
Слободен печат јави и за околу 150 граѓани на Гостивар кои деновиве се јавиле во болницата со тешки стомачни тегоби и синдроми на труење, гадење, повраќање и тешка дијареа.
До објавувањето на информацијата не се соопштени резултати од физичко-хемиски или микробиолошки анализи на примероците. Не е официјално утврдено каква вода била зафатена со пумпите, колку долго работел системот и дали загадувањето стигнало до домаќинствата.
Нема ниту официјално потврден број на граѓани кои побарале медицинска помош поради здравствени тегоби. Во јавноста се појавија информации за зголемен број пациенти во гостиварската болница, но здравствените институции сè уште немаат објавено податоци за бројот на прегледани лица, нивните симптоми или евентуалната поврзаност со водата.
Последните објавени анализи пред инцидентот, спроведени од Центарот за јавно здравје, покажувале дека водата во градскиот водовод на 29 јуни била бактериолошки и физичко-хемиски исправна. Тој резултат се однесува на примероците земени пред откривањето на спорниот систем и не ја утврдува состојбата по 16 јули.
Гостивар и повеќе околни населени места во изминатиот период се соочуваа со намален притисок и прекини во водоснабдувањето. Градоначалникот Ваљбон Лимани во јуни најави изградба на нова линија од Вруток кон Дебреше, Циглана и Фазанерија, со образложение дека таа треба да ублажи дел од проблемите со недостигот на вода во летните месеци.
Градскиот водоснабдителен систем главно се напојува од изворот на Вардар кај Вруток. Општинските документи укажуваат дека делови од мрежата се постари од три децении и дека на одредени места постојат тесни грла кои го отежнуваат снабдувањето при зголемена потрошувачка.
Истрагата треба да покаже кој наредил или дозволил поставување на пумпите, колку време биле користени и дали со интервенцијата било загрозено здравјето на населението.
