Агенцијата за храна и ветеринарство издаде времена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоснабдителен систем, поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна. Забраната ќе важи сè додека лабораториските анализи не покажат дека водата повторно ги исполнува безбедносните критериуми. %Републичкиот јавен обвинител Савески изјави дека ја следи ситуацијата.
Одлуката доаѓа во период кога околу 1.200 граѓани во изминатите три до четири дена побарале медицинска помош со повраќање, дијареа, болки во желудникот и покачена температура, а медицинскиот персонал во гостиварската болница сведочи дека установата едвај се справува со напливот на пациенти.
Редакцијата на Рацин.мк интензивно се обидуваше да стапи во контакт со директорот на Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар, д-р Емри Бајрами, за да добие официјална информација за бројот на прегледани и хоспитализирани пациенти, но тој не одговори на повиците, а по последните обиди телефонот му беше исклучен.
Две медицински сестри од гостиварската болница, чии идентитети се познати на редакцијата, но побараа да останат анонимни, претходно за Рацин.мк изјавија дека зголемен број пациенти се регистрира уште од почетокот на неделата.
„Од понеделник имаме зголемен број пациенти, главно повозрасни лица и деца, кои се упатуваат на преглед со симптоми што наликуваат на труење со храна. Првично се сомневавме дека можеби станува збор за некој угостителски објект, но од разговорите со пациентите стана јасно дека тие не јаделе на исто место“, изјави една од медицинските сестри.
„Не знам што да ви кажам. Утрово прочитав дека можеби е од водата. Не знам кој е виновен, но едвај се справуваме. Луѓе седат и во дворот на болницата, Брзата помош постојано носи пациенти, а ги има и по ходниците. Вакво нешто немам видено за повеќе од 11 години работа“, сведочи втората медицинска сестра.
АХВ соопшти дека вонредниот инспекциски надзор бил спроведен во четвртокот вечерта, откако институцијата добила известување од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, поплаки од граѓани и пријава од гостиварската полиција во врска со безбедноста и квалитетот на водата.
Во надзорот учествувале инспектори на АХВ, претставници на Министерството за животна средина, Обвинителството и криминалистичката техника на МВР. Контролата била извршена на пречистителната станица во селото Вруток, од каде се снабдува гостиварскиот водоводен систем.
Според официјалното соопштение на АХВ, инспекторите утврдиле дека на главниот цевковод од водоводната мрежа, без дозвола и одобрение, била поставена пумпа која директно вбризгувала вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.
Овој наод е различен од претходните полициски информации пренесени во медиумите, според кои на терен биле забележани три пумпи поставени во корито со отпадни води. АХВ во последното соопштение официјално наведува една пумпа поврзана со главниот цевковод. Истрагата треба да утврди колку пумпи биле користени, од каде точно ја зафаќале водата и колку време системот функционирал.
Стручни лица од Институтот за јавно здравје земале примероци од водата за физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање. Забраната е превентивна и е издадена пред добивањето на конечните резултати, за да се спречи поголема опасност за населението.
До објавувањето на резултатите не е утврдено какви микроорганизми или други загадувачки материи евентуално се присутни во водата. Не е потврдена ниту директна причинско-последична поврзаност меѓу водата од водоводот и масовната појава на стомачни тегоби кај граѓаните.
Сепак, временското совпаѓање меѓу вбризгувањето непрочистена речна вода во водоводната мрежа, растот на бројот на пациенти и симптомите кај нив претставува сериозен јавно-здравствен ризик, поради кој АХВ ја забрани употребата на водата за пиење без да ги чека конечните анализи.
Во соопштението не е наведено колкава количина вода била внесена од Вардар, во кој период работела пумпата и до кои населби стигнала водата. Не е објавено ниту кој ја поставил пумпата и по чија наредба била поврзана со главниот водоводен цевковод.
Основното јавно обвинителство Гостивар веќе презема дејствија поради сомнение за кривичното дело „загадување вода за пиење“. Во постапката треба да се утврди одговорноста на лицата што ја поставиле и пуштиле во употреба пумпата, како и дали со нивното постапување било загрозено здравјето на населението.
Ниту Општина Гостивар ниту јавното комунално претпријатие до објавувањето на забраната не дадоа целосно објаснување зошто вода од Вардар била внесувана во водоводниот систем и дали интервенцијата била поврзана со обидите за зголемување на притисокот во мрежата.
Гостивар и околните населени места подолг период се соочуваат со недостиг од вода и слаб притисок. Во јуни жителите на Дебреше протестираа пред Општината, барајќи редовно снабдување, а локалната власт најавуваше нова водоводна линија од Вруток.
Додека трае забраната, водата од гостиварскиот водовод не треба да се користи за пиење. АХВ треба дополнително да ја информира јавноста по добивањето на лабораториските резултати и да соопшти дали забраната ќе биде укината или ќе остане во сила.
