Турција ја покажа својата поддршка за палестинскиот народ испраќајќи во регионот повеќе од 45.000 тони помош, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Ќе продолжиме со нашата поддршка додека не престане крвопролевањето во Појасот Газа и нашите палестински браќа не живеат во слободна палестинска држава заснована на границите од 1967 година со главниот град во Источен Ерусалим“, истакна турскиот лидер во видео обраќањето по повод празникот Рамазан.
Израел започна воена офанзива во Газа по прекуграничен напад на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври, во кој според Тел Авив, загинале 1.200 луѓе во јужен Израел.
Според последните податоци на Министерството за здравство во Газа, во шестмесечниот вооружен конфликт загинале 33.207 Палестинци. Повеќето од 2,3 милиони луѓе во енклавата останале без покрив над главата, а многумина се изложени на ризик од глад.