ФЕЉТОН (3) Опиумот во Македонија: Оружјето за ВМРО меѓу двете светски војни било купувано од шверцот на бугарскиот опиум

Експанзијата на производството на канабисот (марихуаната) за медицински цели во Македонија последниве години, колку што ја детектира оваа дејност како естра-профитабилен бизнис, толку и покажува дека таа, повеќе од симболично, не е „без корен“.

Производството на канабисот за медицински цели нè навраќа во не толку далечната историја кога македонското поднебје не само што било препознаено како одлична почва за насади со афионот, од кој се добиваат опиумот и морфиумот, туку имало и водечко место на светската мапа на производството на овие опијати.

Кога се исчитуваат документите и хрониките поврзани со производството на афион, опиум и морфиум од разни архиви, тие се сè освен здодевно четиво какво што се очекува од депоата во кои се чуваат административните записи и преписки. Напротив, слободно можат да се оквалификуваат како материјал за стории, филмови и ТВ серии од трилер жанрот.

Турски тефтери тврдат дека Бугарија била центарот за криумчарење опиум меѓу двете светски војни

Српскиот историчар Владан Јовановиќ во неговата студија за македонскиот опиум меѓу двете светски војни (Vladan Jovanović, „Makedonski opijum: o finansijskim i političkim razmerama fenomena 1918-1941“, Godišnjak za društvenu istoriju, XVI/3, Beograd 2009) посветува едно поглавје за опиумското прашање во контекст на финансирање на ВМРО, под наслов „Бугарскиот опиум и ВМРО“.

– Опиумското прашање било поддеднакво интригантно и од другата страна на порозната југословенско-бугарска граница. Со оглед на тоа што ВМРО се до 1934 година било своевидна парадржавна творба која „буџетирала“ илјадници луѓе, споменатиот француски новинар и истражувач Албер Лондр заклучил дека механизмот на финансирање бил во нераскинлива врска со криумчарењето на дрога и тутун, тврди Јовановиќ.

Бугарија била означена како центарот за криумчарење опиум во извештајот на Русел-паша, директорот на Централното информативно биро за дроги. Тоа било повод за серија текстови во тогашниот југословенски печат во кој се ликувало над официјалното разоткривање на „јавната тајна“ – со профитот од шверцот на бугарскиот опиум било финансирано купувањето оружје за ВМРО.

– И дописникот на „Њујорк Тајмс“ од Софија своевремено го пренел тоа тврдење. Згора на тоа, на ударот на јавноста се нашле и српски политичари кои одржувале врски со челниците на ВМРО, меѓу кои биле и неколку звучни имиња од југот, пишува Јовановиќ.

Македонски комити

Во неговата студија се наведува дека во Бугарија постоеле 9 илегални фабрики за опиум и хероин, а најголемата била лоцирана во градот Радомир. Нејзин сопственик бил извесен Методија Лазов.

– За само два месеци од основањето во 1932 година оваа фабрика со прозаичен назив „Балканска производна компанија“ произвела тон и пол хероин, кој потоа бил шверцуван со куфери преку најголемите морски пристаништа во САД. Оттаму и зголеменото интересирање на водечките американски весници за македонската герила и трговијата со опијати. Со пласирање на синтагмата „Балканска Колумбија“,, која се однесувала на опиумската зона во Вардарска и Пиринска Македонија, американските дописници од Балканот го свртувале вниманието на рамнодушните европски официјални лица на екслацијата на проблемите кои ја таргетирале Европа, наведува Јовановиќ.

Скакулци на опиумски „погон“

Покрај опиумот, од макот (семето од афионот) се добивало и тн. шарлаганско масло за јадење. Половина од реколтите на мак одело на прозиводство на шарлаганско масло за јадење.

Културата на макот барала квалитетна подготовка на земјиштето и прецизен „тајминг“ и детално придржување до роковите за обработка: од сеидбата кон крајот на август, плевење и разретчување во почетокот на март, до запрашување на билките кон крајот на март и засекување на чаурите на почетокот на јуни.

Производните трошоци за макот во тој период изнесувале околу 5.000 динари по хектар посеви, од кои се добивале 10-20 килограми опиум.

Освен законските ограничувања, приносите на маковата смола (катранот) периодично биле помали и заради климатските услови, измивање на смолата од дождовите и наездите на скакулците, наведува историчарот Јовановиќ.

Дел од овие историски „собитија“ уметнички се обработени и во популарната филмска серија „Сенки над Балканот“ („Senke nad Balkanom“) на креаторот Драган Бјелогрлиќ. Во неа учествуваат и македонски филмаџии – копродуцентот Томи Салковски, режисерот Игор Иванов-Изи и актерите Петре Арсовски, Јана Стојановска, Тони Михајловски, Петар Мирчевски, Сара Климоска… Дел од серијата беше сниман во Македонија.

Дејството на првата сезона од серијата е сместено помеѓу двете светски војни во Кралството Југославија и ја следи приказната на двајца инспектори на белградската полиција, кои, непосредно пред Атентатот во Народното собрание во 1928, се обидуваат да ги решат случаите на ритуални убистава кои ја потресуваат јавноста.

Делови од сценариото алудираат на улогата на ВМРО и шверцот на опиум, а во втората сезона веќе го следевме пресвртот во производството од опиум во хероин. Во тек е снимањето на третата сезона.

(Продолжува)

Подготвил: С.С.

Треба да знаете
Moже да ве интересира