Мицкоски и Сиљановска-Давкова, со своето сегашно однесување кон Преспанскиот договор, практично признале дека договорот не го загрозил македонскиот идентитет, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на Македонската радио телевизија. Според него, денешните ставови на премиерот и претседателката покажуваат дека претходните обвинувања за „предавство“ и загрозување на јазикот, народот и идентитетот биле дел од политичка пропаганда.
Филипче оцени дека споредбата меѓу поранешните настапи на Сиљановска-Давкова и Мицкоски и нивното сегашно институционално однесување открива голема политичка недоследност. Тој потсети дека претседателката во минатото тврдеше дека Преспанскиот договор е спротивен на Уставот и на меѓународното право, дека го загрозува националниот идентитет и дека нема да го користи уставното име. За Мицкоски, пак, Филипче рече дека како опозициски лидер тврдеше оти Преспанскиот договор „не е завршена работа“.
Според лидерот на СДСМ, сега се гледа дека тие позиции биле свесно користени за политичка мобилизација на јавноста. Тој тврди дека највисоките државни функционери на ВМРО-ДПМНЕ денес применуваат двојни стандарди, едно зборуваат пред домашната јавност, а друго пред меѓународните партнери.
Филипче во интервјуто се повика и на членот 7 од Преспанскиот договор, за кој рече дека јасно го признава постоењето на македонскиот народ, култура, јазик и историја. Според него, токму тој член ја урива тезата дека договорот го загрозил идентитетот.
Тој додаде дека сегашното однесување на власта покажува оти кампањата против Преспанскиот договор била изградена врз страв и обвинувања, а не врз фактичка загрозеност на македонскиот идентитет. Филипче порача дека СДСМ, без разлика дали е на власт или во опозиција, останал конзистентен во ставот дека европскиот пат е единствената реална иднина за државата.
Според него, нема друга политичка и стратешка насока за Македонија освен членството во Европската Унија. Филипче оцени дека пропагандата што ВМРО-ДПМНЕ ја користела во опозициските години, а ја продолжува и како власт, постепено се распаѓа токму преку однесувањето на нејзините највисоки функционери.
