Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска пристигна во Кијив во својата шеста посета на Украина од почетокот на војната, во момент кога вниманието на светската јавност се повеќе се свртува кон Блискиот Исток.
„Доаѓам со цврста верба дека носам охрабрување и да потврдам дека цврсто стоиме на украинската страна“, изјави Фон дер Лајен на пат кон Кијив.
Заедно со неа е и дописникот на германската агенција ДПА, кој известува за група новински агенции кои учествуваат во проектот European Newsroom.
За време на престојот во Кијив, Фон дер Лајен ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и ќе се обрати пред пратениците во украинскиот Парламент.
Таа нагласи дека ќе разговараат за прашањата за проширувањето на ЕУ, финансиската и воената помош за Украина и подготовките за 12-от пакет санкции против Русија. Нејзината посета доаѓа неколку дена пред објавувањето на извештајот за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, кој Комисијата ќе го објави в среда.
Се очекува Комисијата да им препорача на шефовите на држави или влади на ЕУ отворање на пристапни преговори со Украина.