Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Грчките земјоделци на пат кон Атина за утрешниот протест, Владата им порачува дека нема простор за дополнителни мерки за поддршка

Земјоделците од цела Грција со трактори, автомобили, автобуси и камиони го започнаа нивното патување кон грчката метропола за утрешниот собир на плоштадот Синтагма, додека пак грчката Влада уште еднаш им порача дека не постои финансиски простор за дополнителни мерки за поддршка, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓу 150-200 трактори и околу 5.000 земјоделци, според најавите, се очекува да пристигнат во Атина, а патувањето ќе биде организирано, во конвој со полициска придружба и во една лента на автопатот.

Дел од земјоделците, од северниот дел на земјата веќе се на пат кон централна Грција од каде утре ќе тргне конвојот кон Атина.

Протестот е закажан за попладневните часови, а земјоделците ќе добијат поддршка од синдикатите, од разни здруженија, но и од студентите.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, уште еднаш повтори дека „вратата на кабинетот на премиерот е отворена“, но и дека не постои простор и можност за дополнителна поддршка на земјоделците во рамките на државниот буџет.

– Исцрпени се можностите и, како што имаме кажано, не сакаме да создаваме очекувања што не можеме да ги исполниме, истакна Маринакис.

Грчките земјоделци во вторникот се сретнаа со премиерот Кирјакос Мицотакис кој им соопшти дополнителни мерки за поддршка, меѓутоа по средбата коментираа дека не биле исполнети сите нивни барања и донесоа одлука да одржат протест во Атина, а оние кои ќе останат на поставените блокади, ќе ги затворат граничните премини и пристаништата.

Земјоделци веќе речиси еден месец протестираат со поставени над 55 блокови низ целата земја, повремено блокираат патишта, автопати и гранични премини, како што е случај со премините Ники (Меџитлија) и Евзони (Богородица) кон Северна Македонија.

Најново