Илјада бродови ќе се соберат во Турција и утре ќе се упатат кон Појасот Газа во знак на протест против Израел, пишува турскиот сајт „Хабер 7“.
Тие ќе превезуваат 4.500 луѓе од 40 земји, „вклучувајќи ги и антиционистичките Евреи“, информира сајтот.
Волкан Окчу, организатор на настанот од турска страна, соопшти дека меѓу учесниците најбројни се руски активисти, а потоа Шпанците.
– Русите пристигнуваат со 313 бродови, а шпанските со 104. Од Турција ќе учествуваат 12 сопственици на бродови, рече Окџу и изрази надеж дека оваа бројка ќе се зголеми.
Тој додаде дека меѓународните правила ќе бидат строго почитувани за да не му се даде причина на Израел да интервенира.
Флотата прво ќе застане во Северен Кипар, а потоа ќе продолжи кон израелското пристаниште Ашдод. Учесниците планираат да направат ѕид од чамци во Појасот Газа.
– Ова е реакција и чин на граѓанска непослушност против нечовечките злосторства извршени од Израел, рече Окчу.
Некои од учесниците во флотата, во која ќе има и луксузни јахти, со себе ќе ги земат и своите сопруги и деца.
„Тајмс од Израел“ потсетува дека протестот наликува на настанот од мај 2010 година кога флота се обиде да ја пробие поморската блокада на Појасот Газа под контрола на Хамас. Откако конвојот не ја послуша наредбата на израелската морнарица да се пренасочи кон Ашдод, израелските командоси се качија на еден од бродовите – „Мави Мармара“. Нападот заврши со смрт на десет турски активисти убиени од израелски војници. ј