Иранската „флота во сенка“ повторно е во фокусот на западните служби и енергетските пазари, откако „Катимерини“ објави дека мрежа од главно стари танкери, со нејасна сопственост и рути што тешко се следат, продолжува да носи иранска сурова нафта кон Кина и покрај американските санкции.
Станува збор за бродови што често работат „под радар“, користејќи тактики што го отежнуваат следењето: исклучување или манипулирање со сигналите за автоматска идентификација, промени на имиња и знамиња, сложени сопственички структури и претовар од брод на брод. Таквите методи не се нови, но во случајот со Иран добиваат нова тежина поради засилените американски санкции и растечката зависност на Техеран од извозот на нафта кон Азија.
Според „Катимерини“, оваа „флота во сенка“ поминува речиси незабележано поради огромниот поморски сообраќај во регионот. Најчестата крајна дестинација е Кина, која со години е клучен купувач на иранска нафта, иако официјалните трговски канали се под силен санкциски притисок.
Вашингтон последните недели повторно го засили притисокот. Министерството за финансии на САД санкционираше осум бродови за кои тврди дека биле вклучени во транспорт на иранска сурова нафта и нафтени производи. Претходно, американските власти санкционираа и кинеска рафинерија, како и десетици компании и бродови што, според нив, учествувале во продажба и транспорт на иранска нафта.
Проблемот за Западот е што „флота во сенка“а не е само поморски трик, туку економска артерија. Таа му овозможува на Иран да задржи прилив на пари во услови на санкции, да ја финансира државата и да ја намали ефективноста на американскиот притисок.
Но, ризикот не е само политички. Старите танкери, нејасното осигурување и пловидбата со исклучени сигнали ја зголемуваат опасноста од судири, еколошки инциденти и тешко утврдување одговорност ако дојде до несреќа. Тоа ја прави иранската „флота во сенка“проблем не само за санкциската политика, туку и за безбедноста на меѓународната пловидба.
Во момент кога Блискиот Исток повторно е под притисок, а Ормутскиот Теснец останува една од најчувствителните точки на светската енергетска карта, секој танкер што исчезнува од радарите станува дел од поголема игра: кој ќе ја контролира нафтата, кој ќе ги заобиколи санкциите и кој ќе ја плати цената ако таа трговија излезе од контрола.
