Излезе од печат поетската книга насловена како „Процвет” на поетесата Цветанка Невчева во издание на Дата песнопој од Битола.
Делото е дел од Современата македонска книжевност – едиција: Книжевни меридијани и е носител на наградата „Душата на чаршијата“ на конкурсот распишан од издавачката куќа Дата песнопој од Битола.
Песните во стихозбирката „Процвет” поетесата ги врамила во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, кој доаѓа од лабораторијата на поетесата, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот. Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ пишува во рецензијата Илија Мерковски, главен и одговорен уредник на издавачката куќа Дата песнопој од Битола.
Илустрација на корицата е направена од нашиот голем хуманист и сликар, Живко Поповски-Цветин, а низ страниците од книгата се проткаени уметнички дела, слики-масла на платно, насликани од вештите раце на познатиот хирург, д-р Јордан Невчев.