Четириесет и седум пати семејствата на загинатите излегоа на улиците на Кочани. Не само за да потсетат на 63-те животи згаснати во пожарот во дискотеката „Пулс“, туку и за да побараат одговор од институциите што со години имале надлежност да контролираат, предупредуваат и спречуваат незаконско работење.
На последниот „Марш за ангелите“, одржан во саботата, поворката повторно тргна од Паркот на револуцијата, но нејзината маршрута имаше јасна институционална порака. Семејствата и граѓаните застанаа пред Општина Кочани, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи, полицијата и судот. Тоа се институциите чии постапки или пропусти се појавуваат во обвиненијата, истрагите и доказите поврзани со работата на „Пулс“.
Наместо маршот да биде само комеморативен собир, семејствата го претворија во јавна реконструкција на системот што требало да го контролира објектот. Пред секоја институција беа поставени прашања за конкретна надлежност: дали бил вршен надзор, кој ги потпишувал записниците, кој знаел дека објектот работи и зошто не било спречено неговото понатамошно функционирање.
Едно од централните прашања беше упатено до Државниот инспекторат за труд – како е можно клубот да работел 13 години без инспекциски надзор. Ова прашање доби дополнителна тежина откако на 3 јули полицијата поднесе кривични пријави против осуммина вработени во Инспекторатот, осомничени дека од 2022 година до пожарот на 16 март 2025 година не покренале постапка за надзор над објектот. Според пријавата, клубот продолжил незаконски да работи, а вработените биле изложени на ризици за безбедноста и здравјето. Поднесувањето пријава не значи и утврдена вина, за која може да одлучи единствено судот.
Маршот се одржа во период кога главниот судски процес влегува во една од клучните фази. Обвинителството досега презентираше документација, комуникации од телефоните на обвинетите, пораки преку Вибер, Фејсбук и Месинџер, податоци за инспекциските надзори, лиценците, обезбедувањето и функционирањето на клубот. Судијката Дијана Груевска-Илиевска на 9 јули соопшти дека од доказите на Обвинителството остануваат уште градежните вештачења и сослушувањето на градежните вештаци. Потоа свои материјални докази, сведоци и две најавени вештачења треба да изведува одбраната.
Токму затоа семејствата својата порака ја упатија и до обвинителите. Тие не бараат пресуда однапред, туку Обвинителството до крај да ги брани доказите врз кои го изградило обвинението. Од судот, пак, побараа одлуката да се темели на фактите, законот и одговорноста на секој обвинет поединечно.
„Правдата за нашите деца не ја бараме од одмазда“, порача Александар Наунов пред судот во Кочани.
Правната разврска за „Пулс“ не се води во само една судница. Според анализата на БИРН од март, случајот бил распределен во четири судски постапки со вкупно 58 обвинети. Најголемиот предмет се однесува на директната одговорност за трагедијата, додека посебни постапки се водат против полициски службеници поради наводни пропусти при издавањето согласности, контролите и постапувањето во ноќта на пожарот.
Во една од постапките против 13 полицајци, обвинителството како клучен доказ го посочи акцискиот план за контрола на угостителските објекти. Деветмина од обвинетите полициски службеници, според обвинението, биле во „Пулс“ непосредно пред пожарот, но не го спречиле внесувањето и активирањето на пиротехниката за која немало полициско одобрение. Сите обвинети се изјаснија дека не се виновни.
Досегашните сведочења и доказите изведени во главниот предмет се однесуваа на повеќе безбедносни слабости во клубот: запалив материјал на плафонот, блокирана задна врата, недоволна противпожарна опрема и употреба на пиротехника во затворен простор. Во судницата сведочеа родители, преживеани, инспектори и лица поврзани со работењето и обезбедувањето на објектот.
Со 47. марш, семејствата повторно нагласија дека не бараат судот да одлучува под уличен притисок. Нивното барање е постапките да не се разводнат меѓу големиот број обвинети, одделните предмети и долгите доказни постапки. По завршувањето на градежните вештачења во главниот процес, доказната постапка треба да продолжи со доказите и сведоците предложени од одбраната.
