Македонија, Црна Гора и Албанија се издвојуваат како земји од Западен Балкан што најуспешно ги исполнуваат реформските обврски поврзани со Планот за раст на Европската Унија, поради што би можеле да добијат и дополнителни средства што другите држави не успеале да ги обезбедат.
Европската комисија подготвува процена на реформите што земјите од регионот требало да ги завршат до 30 јуни. Средствата поврзани со неисполнетите обврски може да бидат прераспределени кон државите што постигнале поголем напредок, објави „Еуроњуз“, повикувајќи се на двајца претставници на Европската Унија.
Механизмот не предвидува автоматска исплата на парите. Секоја држава добива средства само откако Европската комисија ќе потврди дека конкретните реформи се спроведени во договорениот рок.
Доколку условите не бидат исполнети, исплатата може да биде намалена, суспендирана или целосно запрена. По истекувањето на предвидениот дополнителен рок, неискористените средства можат да се пренасочат кон други корисници.
Според европските извори, Црна Гора и Албанија се сметаат за водечки земји во процесот, додека Македонија има добри резултати во спроведувањето на реформската агенда. Босна и Херцеговина, Косово и Србија заостануваат во исполнувањето на дел од обврските и се изложени на ризик да изгубат дел од достапните пари.
Конечна одлука за тоа колку средства ќе бидат прераспределени сè уште нема. Европската комисија треба да спроведе сеопфатна процена на постигнувањата на сите шест партнери од Западен Балкан, по што ќе ги информира земјите членки за предложената распределба.
Од Брисел нагласуваат дека не станува збор за одземање веќе доделени пари. Земјите немаат право на исплата доколку не ги исполнат реформите за кои средствата биле предвидени.
Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан располага со шест милијарди евра за периодот од 2024 до 2027 година. Од нив, две милијарди евра се грантови, а четири милијарди се поволни заеми. Најмалку половина од вкупниот износ треба да се користи за инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Од активирањето на инструментот досега се ослободени 673,6 милиони евра за реформи и инвестиции во регионот. Европските лидери на самитот со Западен Балкан во Тиват во јуни повторно порачаа дека секоја следна исплата ќе зависи од навременото спроведување на реформите.
Македонија во мај доби одобрение за нови 65,7 милиони евра. Од нив, 30,6 милиони евра се наменети за државниот буџет, додека преостанатиот дел треба да се користи за инфраструктурни и развојни проекти.
Европската комисија позитивно ги оцени реформите во финансирањето на основното и средното образование, проширувањето на дигиталната инфраструктура и обезбедувањето информатичка опрема во училиштата. Со последната одобрена транша, вкупната сума ослободена за Македонија достигна 142,1 милион евра.
Парите преку Инвестициската рамка ќе може да се користат за одржлив транспорт, чиста енергија, дигитализација, образование и развој на човечкиот капитал, откако проектите ќе ги поминат процедурите за одобрување.
Можноста Македонија да добие дополнителни средства е позитивен финансиски сигнал, но не претставува општа оценка дека сите реформи во земјата се завршени. Европската комисија и натаму бара напредок во владеењето на правото, функционирањето на институциите и другите темелни области од процесот на пристапување.
