Мицотакис ја исполни заканата дека нашата влада и Мицкоски ќе „имаат непријатно искуство“ токму на НАТО самитот во Вашингтон заради непочитување на Договорот од Преспа.
Повикувајќи се на свои информации, дописничката на МИА од Атина пренесе информација на грчката новинска агенција АНА-МПА, според која грчкиот премиер Мицотакис уште на првиот дел од состанокот на НАТО нагласил дека прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот.
Мицотакис меѓу другото нагласил дека „напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори“.
Во однос на ставот на американскиот претседател кој ја подвлекол важноста на Западен Балкан за безбедноста на Алијансата, како што пишува АНА-МПА, Мицотакис посебно се осврна на Договорот од Преспа, за кој, рекол дека овозможи проширување на Алијансата со пристапување на Северна Македонија.
– Целосното спроведување на Договорот од Преспа, истакна премиерот, е од суштинско значење за Алијансата, за Западен Балкан и за меѓународната заедница. Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа, продолжи тој, ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања н Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, во однос на обраќањето на Мицотакис.