Полицаец наместо семафор на фамозната „Здуњска крстосница“ кај Гостивар

Гостивар

Припадници на сообраќајната полиција ќе го регулираат сообраќајот на фамозната „Здуњска крстосница“ кај Гостивар за време на викенд-шпицовите во летниот период.

Ова е одлука на Локалниот совет за превенција на општина Гостивар по бројните долгогодишни реакции на локалните жители и патниците кои често се соочуваат со долгите колони и метежот на крстосницата, особено во летната сезона кога се движат кон туристичките центри како Охрид, Струга, Маврово и Дебар.

На седницата на Локалниот совет за превенција беше истакнато дека, според податоците на гостиварската полиција, на оваа делница дневно поминуваат над 34.000 возила. За да се намали метежот, предложено е во периодите на викенд-шпицовите физички да се регулира сообраќајот со присуство на полицаец.

Исто така, беше разгледан и градскиот сообраќај во услови кога бројот на возила се зголемува неколкукратно. Едно од предложените решенија за намалување на притисокот на паркинзите е користење на училишните дворови и слободни површини за бесплатно паркирање. Градоначалникот Ваљбон Лимани посочи дека оваа практика се применува веќе неколку години.

Со овие мерки се очекува да се обезбеди поголема безбедност и побрз проток на сообраќајот на една од најфреквентните крстосници во гостиварскиот регион.

Најчитано