Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мирен и масовен протест на земјоделците во Атина, тракторите остануваат паркирани пред Парламентот

 Мирно и масовно заврши протестот на земјоделците во Атина, кои нивните трактори, над 150 ги оставија паркирани пред грчкиот Парламент, каде што ќе останат во текот на ноќта, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно со протестот во Атина, земјоделците од северна Грција симболично и периодично попладнево ги блокираа и граничните премини Ники (Меџитлија) и Евзони (Богородица) кон Северна Македонија.

Вниманието на грчката јавност, денеска беше насочено кон Атина, каде што земјоделците одржаа неколку часовен протест пред Парламентот, добија поддршка од синдикатите, од разни здруженија, но и од студентите, а според процените на полицијата учествуваа околу 10.000 демонстранти.

Земјоделците одржаа говори и ги претставија нивните барања до Владата, односно намалување на трошоците за производство, пред сè со намалување на цената на струјата, но и ослободување од данок за земјоделската нафта.

Грчките земјоделци со над 150 трактори, со автобуси, камиони, автомобили, но и траекти од повеќе делови на Грција пристигнаа во Атина, неколку часа порано од закажаниот почеток на протестот.

На нивните трактори имаа транспаренти со слоганите „Без земјоделци, нема храна“, „Денеска е погребот на сточарството“; „Земјоделци, борете се, ви ја пијат крвта“, но и црни и грчки знамиња.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина земјоделците објаснија дека од Владата бараат уште пониски цени на струјата, но и земјоделската нафта да биде ослободена од данок, а во однос на следните активности велат дека по денешниот протест дополнително ќе ги одредат следните чекори.

Најпогодени се земјоделците од областа Тесалија, која во септември минатата година беше поплавена од невремето „Даниел“.

-Сите ние што сме млади земјоделци, не можеме да преживееме по поплавите. Уништени ни се нивите. Владата не ни помага, дури и она што ни следува ни го зема, вели за МИА младиот Апостолис од градот Кардица кој со неговиот трактор пристигна во Атина.

На протестот присутни беа пратеници од опозициските ПАСОК и СИРИЗА, како и лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис.

Тракторите во текот на вечерта остануваат паркирани во центарот на Атина, а земјоделците се очекува да си заминат утре наутро.

Ставот на грчката Влада е дека не постојат финансиски можности за дополнителна помош на земјоделците.

Извор МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен