Над 110 лица уапсени во Турција на протестите по повод Меѓународниот ден на жената

Турските власти приведоа 112 лица во Истанбул за време на протестите по повод Меѓународниот ден на жената, ослободувајќи ги сите освен еден, кој остана во притвор, соопштија денеска организаторите.

Демонстрациите, кои се одржаа вчера, со години се забранети во Истанбул. Оваа година, властите ја оправдаа забраната со тврдењето дека протестите можат да го нарушат „јавниот ред и општествениот мир“, пренесува ДПА.

Стотици луѓе се собраа на мирен протест во центарот на градот, пркосејќи на забраната и извикувајќи слогани како „Да живее нашата феминистичка борба“.

Според платформата „Ќе ги запреме фемицидите“, оваа година во Турција мажи убиле 59 жени.

Покрај Истанбул, имаше и демонстрации во други турски градови против насилството врз жените и ЛГБТИ+ заедницата.

Турската влада отворено се спротивставува на ставовите на ЛГБТИ+ заедницата, прогласувајќи ја 2025 година за „Година на семејството“. Ова беше широко протолкувано како отворено спротивставување на начини на живот кои не се во согласност со традиционалните семејни структури.

Потпретседателот на државното тело за надзор на медиумите РТУК најави програма за „борба“ против сексуалните малцинства во медиумите. РТУК ги следи радио и телевизиските преноси, онлајн платформите и печатените медиуми и има овластување да изрекува казни.

Зачлени се на нашиот е-билтен