Од Гренланд до Малдиви: Ова се најскапите дестинации за патување во 2026 година

Некои од најпосакуваните туристички дестинации во светот во 2026 година ќе бидат достапни главно за патници со поголем буџет. Новите анализи покажуваат дека најголемите трошоци не се поврзани само со луксузното сместување, туку и со транспортот, ограничената достапност и сложената логистика за пристап до оддалечените места. 

На првото место на листата на најскапи дестинации се наоѓа Гренланд. Просечниот дневен трошок за патување таму достигнува околу 1.171 долар, додека цените дополнително ги зголемуваат хотелското сместување, изнајмувањето возила и ограничените можности за транспорт поради специфичната географија. 

Втора на листата е Британските Девствени Острови, каде што просечниот дневен трошок изнесува околу 925 долари. Островската локација, високите цени на сместувањето и ориентираноста кон луксузен туризам ги прават едни од најскапите места за одмор во светот. 

Француска Полинезија се наоѓа на третото место, со просечен дневен трошок од околу 756 долари. Дестинацијата е позната по егзотичните острови, приватните одморалишта и ограничениот број достапни капацитети, што дополнително влијае врз цените. 

Меѓу најскапите патувања се вбројува и Антарктикот, каде што експедициите, специјализираниот транспорт и условите за престој значително ја зголемуваат цената. Малдивите исто така остануваат меѓу најскапите туристички дестинации, особено поради луксузните ресорти и популарноста кај патниците кои бараат ексклузивен одмор. 

Во првите 15 најскапи дестинации за 2026 година се наоѓаат и Швајцарија, Зимбабве, Туркс и Каикос, Боцвана, Ангила, Света Луција, Намибија, Исланд, Норвешка и Замбија. 

Анализата е направена врз основа на податоци од повеќе од 100.000 продадени патнички осигурувања, анкети со илјадници патници и податоци за летови и хотелски цени. Истражувањето покажува дека најскапи се токму дестинациите кои се далечни, тешко достапни или нудат специфични искуства како поларни експедиции, сафари и луксузен островски туризам. 

Најчитано