Несекојдневна глетка: Чешкиот претседател како фоторепортер на Ф1

Чешкиот претседател како фоторепортер се појави на патеката „Хунгароринг“ во Унгарија, каде што на 26 јули ја следеше Големата награда во Формула 1 со професионална фотографска опрема и официјална акредитација од ФИА. Петр Павел не пристигна во својство на шеф на државата, туку поради долгогодишната страст кон спортската и автомото-фотографијата.

Наместо во свечена ложа, Павел беше покрај патеката со фотоапарат во рацете и со препознатливиот елек за акредитирани фотографи. На „Хунгароринг“ пристигнал уште за саботните сесии, во придружба на чешкиот фотограф од Формула 1, Јиржи Кренек.

Присуството на претседателот меѓу фоторепортерите привлече големо внимание во падокот. Фотографиите на Ројтерс го прикажаа како снима непосредно пред почетокот на трката, додека други снимки го забележаа во разговор со претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулајем.

За Павел ова не е прво појавување на голем автомото-настан со фотоапарат. Во јуни присуствувал на трката „24 часа Ле Ман“, а претходно фотографирал трки од Мото ГП и Светскиот шампионат во супербајк во Брно, како и НАСКАР и релито Дакар.

Дел од фотографиите што ги направил на релито Дакар во 2025 година биле изложени во Националниот технички музеј во Прага. Со продажба на фотоалбум на аукција, Павел собрал и речиси 30.000 евра за добротворна организација која им помага на деца, самохрани родители и повозрасни лица.

Петр Павел е претседател на Чешка од март 2023 година, а претходно бил генерал и претседател на Воениот комитет на НАТО. Неговото појавување како акредитиран фотограф на една од најголемите трки во светот покажа значително поинаква страна од вообичаениот протокол што го следи функцијата шеф на држава.

Најчитано