Нов напад врз медицинари во Скопје, приведен 41-годишник

Лекар и медицинска сестра биле физички нападнати пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, а полицијата привела еден од осомничените. Нападот предизвика реакција од здружението „За нас“, кое побара итно расчистување на случајот и поголема безбедност за здравствените работници.

Инцидентот се случил на 21 ноември, околу 17:30 часот, пред здравствена установа во општина Аеродром. Во пријавата е наведено дека Ј.К., на возраст од 41 година, и неговиот 62-годишен татко С.К., по претходно недоразбирање, ги нападнале лекарот и медицинската сестра.

Полициски службеници од СВР Скопје го лишиле Ј.К. од слобода истиот ден, во 19:15 часот, во Полициската станица Кисела Вода. Од МВР најавија соодветен поднесок по целосното документирање на случајот.

Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ соопшти дека здравствените работници биле нападнати додека ги извршувале работните задачи.

„Ниту еден здравствен работник не смее да оди на работа со страв дека може да биде навредуван, заплашуван или физички нападнат“, порачаа од здружението.

Оттаму бараат полицијата и правосудните институции да ги утврдат сите околности и да преземат соодветни законски мерки. До Министерството за здравство и раководствата на здравствените установи упатија апел за конкретни мерки за заштита на вработените.

Здружението изрази поддршка за нападнатите колеги и нагласи дека безбедноста на медицинарите е основен услов за функционирање на здравствениот систем.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?