Северна Македонија е рангирана на 38. место од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, меѓутоа медиумите во Македонија беа најдобро рангирани за време на владеењето на Груевски, односно во 2009 година, кога земјата била на респектабилното 34-то место. Но, денешната состојба не треба да ни даде за право да си свиркаме дека се е во ред и да не преземеме ништо за подобрување на слободата на медиумите, вели Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија, на панел дискусијата организирана од Институтот за медиуми и аналитика ИМА, насловена: „Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?“.
Тој додаде дека не смееме да дозволиме од релативна слобода да преминеме во релативна неслобода.
„Медиумите се под силни политички и бизнис влијанија. Ако сакаме да имаме независно новинарство треба да имаме и финансиска независност“, рече Чадиковски.
Тој истакна дека слободата тешко ја стекнавме, но може лесно да ја изгубиме ако не се бориме за своите права и слободи.
Генерален директор на Медиумската информативна агенција (МИА), Драган Антоновски, вели дека во неговото 25 годинишно новинарско искуство отсекогаш имало политички притисоци, и дека само новинар со интегритет може да се спотистави на тие притисоци.
„Новинар кој не ја витка кичмата и има интегритет може да се спротивстави на политичките притисоци“, вели тој.
Тој додава дека медиумскиот простор е узурпиран од непрофесионалните новинари.
„Медиумска писменост треба и кај тие што ја продуцираат веста“, вели тој.
Тој додаде и дека има две структури кои ја креираат „вистината“, едните шират невистини преку партиските говорници, соопштенија, прес-конференции, додека другите ја демантираат таа дезинформација.
Уредничката на вести во Националната телевизија АЛСАТ М, Арта Тахири, вели дека начелно политичарите ја подржуваат слободата на медиумите, но во реалноста не е така.
„Политичарите се добри и транспарентни се додека не им се постават тешки прашања. На молчлив начин бојкотираат одредени медиуми или новинари“, рече таа.
Тахири нагласи дека новинарите мора да престанат да размислуваат како политичарите.
„Политиката е иста, ама новинарите не се исти“, заклучи Тахири.
Атанас Кировски, новинар, поранешен директор и главен уредник на ТВ Телма и дописник на Би-би-си, истакна дека слободата не е можна ако нема финансиски независни медиуми.
„Маркетинг агенциите парите ги насочуваат кон дигиталните медиуми… Слободата на социјалните медиуми стана нашата неслобода. Таму се објавуваат дискредитации, говор на омраза, навреди…“, рече Кировски.
Тој додаде и дека одредени центри на моќ свесно шират дезинформации бидејќи на тој начин добиваат профит (пари).
„Свесни шират лаги и знаат дека ќе треба да платат казна, ако проценката е дека ќе добијат поголема заработка“, вели тој.
Тахири додаде дека и самите политички партии имаат свои портали кои шират дезинформации.
„Мора секоја редакција да има посебен одел за проверувачи на факти“, вели таа.
Чадиковски нагласи дека секој новинар мора да е верификувач на факти, односно не смее да објави вест додека не ги провери информациите. Тој додаде дека е против забрана и укинување на социјалните мрежи (Тик-ток и други) бидејќи на тој начин нема да се забранат дезинформациите.
Текст, фото и видео: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети (ЦивилМедиа)