Иако изградбата започна пред само две недели, новиот парк на кејот кај Карпош 4 веќе покажува знаци на распаѓање. Рекламните табли се пропаднати во земја, просторот е обраснат со трева и грмушки, а наместо уредена зелена зона, граѓаните гледаат слика на запуштеност и небрежност.


Проектот, кој треба да се простира на површина од 86.000 метри квадратни – од новиот мост во Влае до жолтиот пешачки мост – беше најавен како дел од програмата „За модерно Скопје“. Според плановите, паркот требаше да добие пешачки патеки, урбана опрема, паркинг за посетителите и специјални зони за миленици. Наместо тоа, денес сведочиме на уште еден пример за недоследност помеѓу ветувањата и реалноста.
Иако работите беа официјално стартувани со трасирање и тампонирање на патеките, веќе сега дел од инфраструктурата е во лоша состојба, што отвора прашања дали проектот воопшто ќе биде доведен до крај.
Историски, токму овој појас бил местото каде по катастрофалниот земјотрес во 1963 година бил дислоциран градежниот шут. Денес, просторот требаше да доживее своја „ренесанса“ како модерен парк, но граѓаните велат дека местото повеќе наликува на депонија отколку на зелена оаза.


Иницијативата е претставена како чекор кон создавање на поквалитетни јавни простори и подобрување на животната средина. Но искуството со вакви „мега проекти“ покажува дека без редовно одржување и вистинска посветеност, тие лесно се претвораат во политички маркетинг, а не во трајни решенија за граѓаните.
Важно е да се потсети дека паркот првично беше најавен од поранешните градски и општински власти, Петре Шилегов и Стефан Богоев, но не беше реализиран. Сегашната градска управа повторно го активираше проектот, но останува да видиме дали ќе го доведе до крај или паркот уште пред да се заврши ќе остане уништен и заборавен.