Новото евро добива лица: ЕЦБ размислува за Кири, Бетовен, Да Винчи и Сервантес

Европската централна банка (ЕЦБ) го отвори процесот на одлучување за новиот изглед на евробанкнотите, организирајќи јавна анкета пред печатењето на новата серија. Но, ова не е само прашање на естетика. Испитувањето на јавното мислење треба да помогне и во зајакнувањето на врската меѓу граѓаните на Европската Унија и монетарната унија.
*Андор Ласло

Пред петнаесетина години, во периодот на кризата на Европската монетарна унија, довербата во единствената валута опадна и во земјите со суфицит и во оние со дефицит. Во време на нови глобални турбуленции, еврото може да послужи како еден од столбовите на европската интеграција, но само доколку граѓаните чувствуваат дека валутата е и нивен симбол. Јавната анкета на ЕЦБ е отворена до 21 септември.

Еден од можните концепти, а веројатно и најинтересниот меѓу понудените, предвидува на банкнотите да се појават познати европски личности од науката, културата и интелектуалниот живот. Некои од нив се попознати од други, но биографиите на повеќето ја надминуваат рамката на една држава.

Суштината на ваквиот пристап е дека ЕЦБ би можела да се врати кон традиционалната идеја според која парите треба да носат лица што заедницата ги препознава.

Европската Унија не е класична држава, а Европејците припаѓаат на различни народи, но досегашниот концепт банкнотите да бидат илустрирани само со апстрактни мотиви, како мостови што во реалноста не постојат, сè потешко може да изгради заеднички идентитет. Европскиот идентитет може да се гради и преку реални личности и нивниот придонес, дури и кога тие потекнуваат од конкретна национална или локална средина.

Неколку личности што се разгледуваат веќе биле користени како монетарни или политички симболи во национални рамки. Имињата на Марија Кири и Леонардо да Винчи, пак, уште од 1990-тите се користат за брендирање европски програми за финансирање.

Името на Кири е поврзано со програми за докторско образование и постдокторска обука, додека Леонардо да Винчи беше симбол на програми за поддршка и развој на стручното образование и обука.

„Одата на радоста“ од Деветтата симфонија на Лудвиг ван Бетовен во 1985 година беше избрана за химна на Европската Унија, но без стиховите на Фридрих Шилер. Оттука, можеби изненадува што Бетовен, кој има глобално препознатливо име, е предложен за втората најниска вредност на банкнотите.

На банкнотата со највисока вредност во новиот предложен дизајн, онаа од 200 евра, би се нашла Берта фон Зутнер, родена во Прага и првата жена добитничка на Нобеловата награда за мир во 1905 година.

Нејзината книга „Die Waffen nieder!“ („Долу оружјето!“) првпат била објавена во 1889 година. Фон Зутнер починала од рак непосредно пред почетокот на Првата светска војна, но со децении пред тоа водела кампањи против милитаризацијата, во време кога голем дел од политичарите, генералите и интелектуалците не препознавале дека Европа се движи кон катастрофална војна.

Бидејќи мирот е една од основните вредности и цели на Европската Унија, нејзиниот избор има силна симболика. Тој би можел повторно да го насочи вниманието и кон други историски личности кои се залагале за мир и разоружување, од Жан Жорес до Улоф Палме.

Впечатлива е и родовата рамнотежа меѓу личностите предложени за новите банкноти. Тоа не е само промена на симболите, туку одразува и пошироки промени во позициите на одлучување.

Во изминатите две децении значително се зголеми бројот на жени на водечки економски позиции во финансиските институции. Денес Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој имаат жени на чело.

Родовата еднаквост одамна е дел од политиките на Европската Унија, но денес е нагласена повеќе од порано, а женските гласови во економијата добиваат значително повеќе внимание.

Појавувањето на Марија Кири, која потекнува од земја што не е членка на еврозоната, Полска, потсетува и дека според европските договори еврото е валута на Европската Унија, а не само на земјите што во моментов го користат.

Откако беа претставени предлозите за новиот дизајн, во Полска се појавија критики поради можноста на банкнотата да не биде истакнато нејзиното моминско презиме Склодовска.

Дел од полската јавност оцени дека изоставувањето на презимето Склодовска би значело потценување на придонесот на Полска во европската историја, а во конкретниот случај и во науката.

Марија Кири не беше само првата жена која добила Нобелова награда, туку и првиот човек што освоил Нобелови награди во две различни научни области.

Интересна случајност е што три од номинираните личности, Марија Калас, Марија Кири и Мигел де Сервантес, ги делат истите иницијали – М.К. во нивната меѓународна форма MC.

Листата можела да оди уште подалеку со имиња како Марк Шагал или Мајкл Колинс, што би создало дополнителна симболична игра и материјал за идни толкувања.

Сепак, вистинската загатка околу еврото не е изгледот на банкнотите, туку долгорочната одржливост на монетарна унија која сè уште нема целосна фискална унија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?