Сопствениците на пловни објекти – кајчиња во најкраток можен рок се задолжени да ги отстранат своите објекти од крајбрежниот појас кај локалитетот „Сараиште“ и во рибарската населба „Пештани“ во Охрид, во рамки на мерки за уредување и подготовка на крајбрежјето пред почетокот на летната туристичка сезона, информираат надлежните локални служби.
Според информациите, доколку сопствениците не постапат согласно укажувањата во предвидениот рок, Локалната самоуправа во соработка со општинските јавни претпријатија ќе започне акција за нивно отстранување, при што трошоците ќе бидат на товар на сопствениците на пловните објекти.
Мерката е дел од активностите за тековно одржување, расчистување и уредување на крајбрежниот појас, со цел подобрување на пристапноста, хигиената и безбедноста на јавните површини пред зголемениот прилив на туристи во летниот период.
