Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Отворено писмо до претседателот Пендаровски: Кога најлошиот ученик ја силува учителката на животот!?

Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Почитуван претседателе,

Сте се прашале ли некогаш што може да се добие кога најлошиот ученик во одделението ќе ја силува учителката на животот!?

Валтер Бенџамин е мојата прва инспирација: Лицето, Ангелот на историјата, е свртено кон минатото. Таму кај  што ние гледаме синџир на случувања, тој гледа една единствена катастрофа која непрекинато трупа урнатини врз  урнатини и му ги фрла пред нозете.

А втората е Виктор Иванчиќ.

Тој вели дека магијата на национализмот го претвора случајот во судбина.

Потпишувам.

Верувам дека ќе го сретнам и вашиот потпис во Книгата на ожалостените.

Човекот ни поставува уште едно важно прашање: Како на гробиштата на идеологиите никна идеологијата на гробиштата?

Пресна мотивација за моето обраќање.

Мислев да ви поставам неколку прашање во некое јавно обраќање, но ми се стори пристојно прво да се обидам да добијам одговор во директно обраќање до Вас.

На крајот заклучив дека, сепак, вака е подобро.

Еве што ме интересира:

Дали според Вашите непосредни согледби и според информациите што ги добивате од надлежните служби, има основи да се каже дека во политичкото дејствување и во идејните определби на вмро-дпмне, има елементи кои се вообличени во доктрина и систем за  антидржавна работа, односно за растурање на општеството, нацијата и државата?!

Повторувам, не ме интересираат поединечни активности и ставови кои можат да се толкуваат и така мотивирани, инспирирани или имплицирани, такви работи против националните и државните интереси има кај сите партии, во сите кафеани, универзитети и академии, туку дали сте дошле до заклучок дека деконструкцијата на македонството како модерна национална и државна форма во која беше изградено и пулсираше до скоро, е бит на нивното дејствување.

Бит кој ја исцрпува сета нивна суштина, без остаток.

Како што мојата маленкост пишува повеќе од триесет години.

Значи, не само како заложба на поединци во партијата, туку на партијата како таква, на идејниот систем кој ги обликува поединците во таа насока.

Како објективност кон која води нивната мисија, ако така може да се каже, значи, дури и независно од нивните лични определби.

Да ве потсетам: вмро-дпмне е обид митот за вмро да се инсталира како политички концепт!

Таа активност ја спроведуваат и кога се власт и кога се опозиција.

Тој обид објективно води во крупни, па дури и фатални безбедносни и егзистенцијални ризици за Македонија.

Нашата претстава за митот е погрешна, а неговата политичка концептуализација неизбежно ќе биде трагична.

Всушност, таа веќе е трагична.

Државата уште некако се држи, но општеството и тоа што некогаш беше нација, се претворени во акварелни писоари во кои вмро-дпмне моча.

Пие историски хидрохлоротиазиди и моча.

Верувам дека ќе се согласите, не?

Можете ли да посочите нешто друго во нивната работа што не е карикатуризација, усерување и усмрдување, односно распаѓање на Македонија.

На културата, нацијата, моралот, историјата, на сите аспекти на феноменот каков што со многу жртви, го изградивме во војната и по војната.

Се разбира, јас другите не ги оневинувам, но правам една многу важна дистинкција.

Да ве потсетам на едно мое видување на транзицијата.

Тука имаме обид за одбрана на тој феномен, проследен со многу злоупотреби на новооткриената слобода и шансите што ги пружа демократијата и клиентелистичкиот капитализам, и имаме обид демократијата и клиентелистичкиот капитализам да се искористат за демонтажа на државата и, особено, на нацијата преку фолклоризација и примитивизација, дезелитизација во културата, политиката и образованието и со економска декапацитација преку највулгарна пљачка и сечење на државните и општествени арматури преку спрдачина со институциите.

Преку нивно унакажување.

Затоа што се создадени како врвна изневера на основните принципи на вмро.

Одмазда за енобе и асном.

Можеби јас се лажам, и затоа сакам да ве прашам: забележувате ли Вие нешто друго што ја одредува битта на македонската транзиција, на вмро-дпмне, посебно?

Сте се прашале ли зошто Бугарија инсистира на Самоил, а прашањето на вмро не го покренува?

Никој не го покренува прашањето за узурпацијата на вмро како бугарско историско наследство.

Нели ви се чини дека нивната претензија да имаат монопол врз националните дела односно да бидат револуционерна организација и партија за македонско национално единство, не се израз на сентименти и логотипни реминисценции, туку политички програм спротивен на уставниот поредок односно противен на демократското уредување.

Колкаво ниво на инфантилност треба Македонија да пројави за да мисли дека вмро-дпмне ја брани од бугаризација, ширејќи антиевропска и антибугарска хистерија, јас сум уверен, единствено во функција на дистанцата од Европа, во држењето на Македонија како свиња во балканската кал, која пак е замислена како контекст на пропаѓањето, односно преобликувањето на Македонија според интересите на Софија.

Нели ви се чини дека тоа што Софија го прави од надвор, вмро-дпмне го прави од внатре?

И дека целата оваа инсценација со клубовите на Бугарите и блокадата на уставните промени, е една провидна игра која само будалите и пијаните не можат да ја видат.

Така е и така беше со сѐ друго.

Од крвавите пучеви, преку дисперзијата на образованието како систем за уништување и манипулации со младите, Скопје 2014, таа епска изложба на македонскиот идиотизам и неавтентичност, до оглупавувачкото клерофашистичко кокетирање со црквата.

Што да се каже за антиалбанизмот?

Треба ли тоа да се нагласува?

Сте расправале ли за овие прашања на Советот за безбедност?

Не знам дали ќе се согласите, но ако е одговорот позитивен, би ме интересирало што во врска со тоа, Вие како прв човек на државата, со посебни ингеренции во безбедносната сфера и во општата капацитираност и хармонизираност на државата и граѓанството, преземате односно што мислите да преземете во блиска иднина, да не речам-веднаш?

Се разбира, јас знам дека одговорите, какви и да се, особено ако се позитивни, ќе имаат многу сериозни импликации. Јас знам дека вмро-дпмне е моќна организација, со комплетен монопол над идиотизираната медиумска сфера, но Вие сигурно имате повеќе информации околу тоа дали е толку моќна за да нѐ принудува да се правиме будали, ако веќе не сме. И дали ризикот од отворањето на темата е помал од благодатите што ќе ги донесе спасот на едно неверојатно историско наследство, на еден подвиг, какво што е државната и национална реализација на македонскиот народ.

Можете да ми одговорите јавно.

Ако пак се решите да ми одговорите лично, јас тој одговор ќе го публикувам во целост, односно без деловите чие објавување, според можните сугестии или според моите оценки, би биле штетни за државните и национални интереси. Во таа смисла можете да сметате на мојата максимална коректност и одговорност.

Благодарам на вниманието.

Со почит,

Бранко Тричковски

Скопје, 5.02.2023

Извор: FRONTLINE

Зачлени се на нашиот е-билтен