Култната прилепска фонтана „Раце“, еден од препознатливите симболи на стариот градски центар, повторно е поставена во прилепската чаршија, откако пред неколку дена граѓаните ја затекнаа запоставена, оштетена и оставена како заборавен дел од урбаната историја на градот.
Фонтаната, која со децении живее во сеќавањата на прилепчани, некогаш се наоѓала во централното градско подрачје, во близина на поранешниот хотел „Скопје“. За многумина таа не била само камена скулптура или градски украс, туку дел од идентитетот на Прилеп, тивок потсетник на едно време, на старата чаршија, на средбите, детските игри и градскиот ритам што повеќе не се враќа лесно.

Автор на фонтаната е прилепскиот уметник и архитект Илија Кочоски, кој преку ова дело оставил силен уметнички белег во градскиот простор. „Раце“ била замислена како уметнички симбол на водата, со особено значење за град кој добро памети што значи недостиг на вода и колку драгоцено било секое место од кое можело да се напиеш. Нејзината форма, раце собрани во грст, ја прави една од најавтентичните уметнички претстави на жедта, дарувањето и човечката потреба за живот.
Зашто, што има поавтентично за една фонтана од раце собрани во грст? Со нив можеш да ја изгаснеш сопствената жед, но и некому несебично да му понудиш вода. Токму во таа едноставна, но силна слика се крие длабоката симболика на ова дело. „Раце“ не зборува само за вода, туку и за човечност, за грижа, за споделување и за град кој треба да ги памети сопствените знаци.
Во минатото, фонтаната се наоѓала на потегот што ја поврзувал старата фонтана „Кај волната“, на местото каде денес е чешмата со Итар Пејо, со редот пред хотел „Скопје“. Со урбаните преуредувања на центарот, таа, како и други препознатливи градски обележја, била отстранета од јавниот простор. Но не исчезнала од меморијата на прилепчани.
И старата фонтана што некогаш се наоѓала на местото на денешната чешма со Итар Пејо останала силно врежана во спомените на многу генерации. Таа, според сеќавањата на прилепчани, зрачела со духот на Старата чаршија. Постарите граѓани и денес ја паметат како место за вода, игра и средби. Децата ја затворале водата со прст од едната страна за млазот од другата да биде посилен, а за многумина таа била и главно збирно место.
Затоа повторното поставување на „Раце“ не е само технички зафат во градскиот простор. Тоа е враќање на еден симбол. Но и потсетник дека културното наследство не се чува само со поставување, туку со постојана грижа. Фонтаната треба да се одржува, да се чисти, да се заштити и да не се остави повторно да стане нем сведок на негрижата.
Прилеп доби можност повторно да ја види „Раце“ таму каде што најмногу припаѓа, во градскиот живот, меѓу луѓето, во чаршијата. Сега останува прашањето што најмногу ги засега прилепчани: дали овојпат градот ќе научи да го зачува она што веќе еднаш го изгубил?

