Во Белград се одржа 21-от протест „Србија против насилството“, со блокада на централните улици и за прв пат со говор на опозициони пратеници кои најавија патување на опозицијата низ Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Пртоестот започна пред Народното собрание, со блокада на улиците до РТС, на таканаречената медиумска траса, како што беше случај и минатата недела.
Претставници на опозицијата претходно доставија барања до раководството на РТС во кои, меѓу другото, бараат застапеност во информативната програма сразмерно на времето што го имаат во парламентот, започнување на нова дебатна емисија во вечерните часови на Првата програма.
На протестот првпат се обратија политичари чии партии се едни од техничките организатори на протестот – пратениците од опозицијата во српското Собрание, Срѓан Миливојевиќ од Демократската партија (ДС) и Александар Јовановиќ Чута од Еколошкото востание. Јовановиќ најави патувањето на опозицијата низ Србија и приклучувањето кон опозицијата во локалните протести, додека Миливојевиќ го фрли јаремот од сцената што го држеше и директно апелираше до Александар Вучиќ „да не глуми и изборите да се одржат пред 31 декември“.
Пратеничките групи на проевропската опозиција на почетокот на неделава го потпишаа „Договорот за победа“, кој подразбира заедничко дејствување за вонредните белградски и парламентарни избори.
Покрај вонредни избори, на протестот остануваат и барањата за одземање на националните фреквенции на телевизиите Пинк и Хепи и затворање на таблоидите кои промовираат говор на омраза и насилство, како и смена на раководството на РТС.
Се бара и смена на членовите на Советот на регулаторното тело за електронски медиуми како и министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и директорот на безбедносно-информативната агенција (БИА) Александар Вулин.
На протестот повикаа проевропските опозициските пратенички групи „Правец Европа“, Демократската партија (ДС), Заедно-Мораме, Зелено-левиот фронт-Не дави го Белград, Еколошкото востание и Народното движење на Србија, наведувајќи дека протестот не е партиски.
Пратеничката група „Правац Европа“ ја сочинуваат Партијата за слобода и правда (ССП), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Движењето за пресврт и синдикатот „Слога“.