Рама: Тоа што Србија не го признава Косово е суштински регионален проблем

Отвораме четири нови поглавја за нашето членство во ЕУ

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави на Парискиот форум за мир дека непризнавањето на Косово од страна на Србија претставува „суштински проблем“ за целиот регион на Западен Балкан.

„Косово е проблем затоа што за нас е држава со свое право. Но, за Србија или за некои други земји – не е. Тоа е голем проблем. Или ќе продолжиме да гледаме назад, поттикнувајќи тензии и негативна енергија, нанесувајќи штета на сопствените економии, или ќе избереме соработка и заедништво. Другата опција е поделба и стагнација,“ рече Рама, пренесува Koha.net.

Тој истакна дека Балканот мора да избере меѓу поделба и соработка, додавајќи дека Европа денес се соочува со предизвици кои потсетуваат на оние што порано го карактеризирале регионот.

„Европа стана многу балканизирана. Мислам дека и Франција е балканизирана – не може да го усвои буџетот. Погледнете ја Британија, таму е уште полошо. Денес ние сме тие што покажуваат пример – затоа им порачувам: правете мир, разговарајте, не се заканувајте. Ние доаѓаме од пеколот и сме гласници на мирот,“ изјави албанскиот премиер.

Рама додаде дека Албанија, без разлика дали другите ќе ја следат или не, ќе продолжи да работи за стабилноста на регионот.

„Ако светот стане подобро место, ќе можеме да кажеме дека ја завршивме нашата мисија. Ќе имаме свое место во рајот – како Албанци,“ рече тој со насмевка.

Осврнувајќи се на односите со Италија, Рама изјави дека двете земји се поврзани со блиски културни и историски врски.

„Италијанците се Албанци облечени во Версаче. Имате премиерка која е извонредна и фасцинантна жена. Не е висока, но кога ќе го земе зборот, повисока е и од мене,“ изјави Рама.

Тој ја оцени Европската унија како „најголем политички проект што човештвото некогаш го создало“, додавајќи дека членството на Албанија во Унијата е историски благослов.

Зачлени се на нашиот е-билтен