Романот „Правта на библиотеките“ на Маџунков објавен на бугарски јазик

Романот „Правта на библиотеките“ на академик Митко Маџунков е објавен на бугарски јазик во издание на „Book All“ (Книги за сите) од Софија. Преводот од македонски на бугарски јазик е на Мариан Петров, а ликовно-графичкиот дизајн е на Николај Пашалиски.

-Како што стои во најавата на издавачот, романот е дел од познатиот „белградски“ циклус романи на Маџунков, кои се случуваат од сабота до понеделник во мај 1986 година, а чие „дејство“ опфаќа подолг временски период – од распадот на Југославија до разнебитувањето на Македонија. Романсиерскиот циклус, започнат со романот „Времето на ирвасите“, продолжи со „Птиците од ланските гнезда и „Правта на библиотеките“ и на крајот се затвори со „Времeто пред приказната“, објавен пред две години во Скопје, вели писателот Блаже Миневски.

Тој објаснува дека во метафоричка смисла, романот „Правта на библиотеките“ говори за светот како пародија на сопствените вредности, базиран врз фалсификати наспроти злоупотребените оригинали.

-Приказната гради еден сосема нов книжевен простор, каде што „пеколот на Данте Алигиери“ станува само едно негово катче, а низ тој простор Дон Кихот слободно шета борејќи се за спасот на Македонија, истакнува Миневски.

Според бугарскиот издавач, романот „Правта на библиотеките“ е уште една потврда за извонредното романсиерско мајсторство на Митко Маџунков. (МИА)

Треба да знаете
Moже да ве интересира