Дабарите во Лондон го направија тоа што скапата инфраструктура често не успева да го реши: ја заштитија железничката станица Гринфорд од поплави. Колонија дабари, вратена во природното живеалиште во западен Лондон во 2023 година, со своите брани го забавила протокот на вода и го намалила притисокот врз одводниот систем по обилни дождови.
Случајот е дел од проектот Ealing Beaver Project во Парадајс Филдс, зелена зона во близина на станицата Гринфорд. Пред да се вратат дабарите, ова подрачје било изложено на чести поплави, особено при силни врнежи, кога водата брзо се движела низ потокот и го преоптоварувала системот за одводнување.
По пристигнувањето на дабарите, сликата се променила. Тие изградиле брани, создале мали водни задржувања и го претвориле просторот во природен сунѓер што ја прима водата, ја задржува и ја ослободува побавно. Наместо дождот за неколку минути да стигне до критичните делови кај станицата, водата сега минува низ низа природни пречки и мочуришни зони.
Учесниците во проектот наведуваат дека од враќањето на дабарите, станицата Гринфорд повеќе не се поплавува по обилни дождови. Ветеринарот и експерт за заштита на природата Шон Мекормак објаснува дека дабарите го забавуваат протокот, овозможуваат водата да се впие во земјиштето и создаваат влажни живеалишта што ја задржуваат водата многу подолго.
Но, ова не е само приказна за поплави. Колонијата успешно напредува, а годинава се родени најмалку две младенчиња. Жителите на околината веќе ги следат и фотографираат дабарите, додека научниците и екологистите го користат примерот како доказ дека природата може да биде дел од урбаната заштита од климатски ризици.
Дабарите во Велика Британија исчезнале пред неколку векови поради лов за крзно, месо и мирисни жлезди. Денес, нивното враќање се гледа како дел од поширока стратегија за обновување на природата и приспособување на градовите кон сè почестите екстремни временски појави.
Во време кога многу градови вложуваат милиони во бетон, цевки и технички системи, Лондон доби поинаква лекција: понекогаш најдобрата одбрана од поплава има заби, опашка и работи ноќе.
