Седум кандидати во првото тајно тестирање за наследник на Гутереш

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска, 30 јули, го одржува првото неформално гласање со кое ќе се измери поддршката за седумтемина кандидати за нов генерален секретар на светската организација. Гласањето нема да произведе конечен победник, но може да покаже кои кандидатури имаат шанса да стигнат до формалниот избор, а кои уште во почетната фаза се соочуваат со силно противење.

Во трката се Рафаел Гроси од Аргентина, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, поранешната претседателка на Чиле Мишел Бачелет, генералната секретарка на Конференцијата на ОН за трговија и развој Ребека Гринспан од Костарика, поранешната претседателка на Генералното собрание Марија Фернанда Еспиноса од Еквадор, поранешната министерка за надворешни работи на Гвајана Каролин Родригез-Биркет, поранешниот претседател на Сенегал Маки Сал и поранешниот висок функционер на ОН Олара Отуну од Уганда.

Четири од кандидатите се жени, а тројца се мажи. Изборот повторно го актуализира прашањето дали, по осум мажи на функцијата, Обединетите нации конечно ќе добијат жена генерален секретар. Истовремено, државите од Латинска Америка и Карибите сметаат дека според неформалниот принцип на регионална ротација токму нивниот регион има силна основа да го даде следниот шеф на организацијата, иако регионалното потекло не е формално пропишан услов.

На денешното гласање секоја од 15-те членки на Советот за безбедност за секој кандидат може да означи дека го „поддржува“, „не го поддржува“ или дека „нема мислење“. Гласањето е тајно, необврзувачко и се одржува зад затворени врати, без присуство на јавноста и медиумите. Неговата цел е да покаже колку позитивни и негативни оценки добива секоја кандидатура пред Советот да премине кон посериозно усогласување.

Во првите кругови сите членки користат исти гласачки ливчиња. Поради тоа може да се види вкупниот број позитивни и негативни оценки, но не и дали противењето доаѓа од Кина, Франција, Русија, Велика Британија или САД – петте постојани членки со право на вето. Во подоцнежните кругови тие може да добијат ливчиња со различна боја, со што ќе стане јасно дали кандидатот се соочува со потенцијално вето.

Токму правото на вето ја прави постапката значително покомплицирана од обично пребројување на поддршката. За Советот за безбедност формално да препорача кандидат, потребни се најмалку девет гласа и ниту еден негативен глас од петте постојани членки. Потоа кандидатот го именува Генералното собрание на ОН, во кое членуваат 193 држави.

Иако Генералното собрание формално го врши именувањето, најтешкиот дел од изборот се одвива во Советот за безбедност. Кандидат кој има широка поддршка меѓу државите, но е неприфатлив за само една постојана членка, не може да ја добие препораката. Затоа изборот традиционално е и тест за односите меѓу големите сили, а не само процена на професионалните квалификации на кандидатите.

Засега нема јасен фаворит. Претходните изборни циклуси покажуваат дека може да бидат потребни повеќе кругови неформално гласање, по што кандидатите со слаба поддршка обично се повлекуваат или нивните држави престануваат активно да ги промовираат. Процесот би можел да продолжи до крајот на септември или почетокот на октомври, а доколку не се постигне согласност меѓу постојаните членки, изборот може дополнително да се одолжи.

Најнов кандидат е Олара Отуну, кого Уганда официјално го номинираше на 24 јули. Тој бил постојан претставник на Уганда во ОН, претседател на Советот за безбедност и прв специјален претставник на генералниот секретар за децата и вооружените конфликти. Отуну ќе биде вклучен во првото гласање иако сè уште не поминал низ јавниот интерактивен дијалог во кој другите кандидати ги претставија своите програми и одговараа на прашања од државите и граѓанските организации.

Другите кандидати веќе ги претставија своите визии за организацијата. Во јавните дијалози доминираа прашањата за војните и цивилните жртви, реформата на Советот за безбедност, финансиската состојба на ОН, климатските промени, човековите права и начинот на кој генералниот секретар треба да ја зачува независноста од притисоците на најмоќните држави.

Новиот генерален секретар ќе наследи организација оптоварена со геополитички поделби, растечки број вооружени конфликти, големи хуманитарни потреби и сериозни финансиски ограничувања. Од него или од неа ќе се очекува да ја зајакне улогата на ОН во услови кога Советот за безбедност често е блокиран од спротивставените интереси на постојаните членки.

Антонио Гутереш ја завршува функцијата на 31 декември 2026 година, по два последователни петгодишни мандати. Новиот генерален секретар треба да ја преземе должноста на 1 јануари 2027 година, поради што Советот настојува препораката да биде усвоена доволно рано за да има време за институционална транзиција.

Резултатите од денешниот круг немаат формален правен ефект и ОН не се обврзани јавно да ги објават. Сепак, бројот на гласови вообичаено стигнува до јавноста преку дипломатски извори. Првото гласање затоа нема да го открие наследникот на Гутереш, но ќе ја покаже почетната позиција на кандидатите и може да ја насочи трката кон оние што имаат најголема можност да обезбедат девет гласа без вето од големите сили.

Најчитано